X
 15.02.2021 Образование

Истакнат наставно-научен кадар на УКЛО: проф. Оливера Костоска со гостувачко предавање на реномиран универзитет во Велика Британија

Проф. д-р Оливера Костоска од Економскиот факултет-Прилеп одржа гостувачко онлајн-предавање на Универзитетот „Вулверхемптон“ од Велика Британија на исклучително актуелна тема: „Северна Македонија и ЕУ: земја заглавена во бескрајна чекалница“. Професорката Костоска заедно со колегата, д-р Роман Калитчак, од Департманот за меѓународни односи и дипломатија на Националниот универзитет „Иван Франко“ во Лавов, Украина, се избрани за гости-предавачи како истакнат европски академски кадар, што, впрочем, е нотирано на веб-страницата од овој реномиран британски универзитет:

Предавањето се одржа со учество на студенти од завршната година на додипломски студии како дел од нивниот модул „Безбедност и интеграција во Нова Европа“. „Бидејќи дел од модулот и неговото оценување се однесуваат на процесот и проблемите поврзани со односите на Европската Унија со земјите од Западен Балкан и поранешниот Советски Сојуз, експертските анализи и „инсајдерски“ сведоштва на професорката Костоска и д-р Калитчак беа од непроценливо значење“, истакна организаторот на гостувачките предавања, Мартин Дејнџерфилд, професор по европска интеграција и Jean Monnet Chair за европска интеграција на Централна и Источна Европа. Професорот Дејнџерфилд потенцира дека оваа иницијатива е реализирана како резултат на претходно воспоставената соработка со двајцата визитинг-професори во рамките на различните високообразовни програми на Европската Унија. Таа претставува перфектна илустрација за неоспорната вредност на академската соработка со европските партнери и клучната важност за изнаоѓање нови начини за одржување и проширување на овие релации во епохата на постбрегзит.

онлајн
 
Поканата за онлајн-гостувачко предавање до професорката Оливера Костоска беше испратена непосредно по блокадата од страна на Бугарија за официјално започнување на пристапните преговори на нашата земја со Европската Унија. Имајќи го предвид одлагањето на одлуката за започнување на пристапните преговори во јуни 2019 година и последователното вето на Франција во октомври истата година, поголемиот дел од нејзината презентација, насловена како „Играта е повторно во тек“ во духот на стиховите од познатиот хит на шведската поп-група ABBA, беше посветен на бугарското „не“ за отпочнување на преговорите и „условите“ кои Бугарија ги испорача за одблокирање на европскиот пат на нашата земја. Патем, во предавањето беше направен детален осврт на динамиката во односите на нашата држава со Европската Унија, „проблемот со името“, руската интерференција во регионот на Западен Балкан и иницијативата „Еден појас, еден пат“, како енормно амбициозна развојна кампања преку која Кина сака да ја стимулира трговијата и економскиот раст, главно преку изградба на инфраструктура низ Африка, Азија и Европа... „Кина станува политичка и нормативна закана за позицијата на ЕУ во Западен Балкан – сè додека блокот не е во состојба или не е подготвен да ги интегрира овие земји, тие ќе бидат поттикнати да формираат поблиски врски со Кина, која својата финансиска помош, во споредба со стриктната кондиционалност на Европската Унија, ја нуди на прилично безусловен начин“. Фасцинантни беа прашањата и дискусиите кои последователно беа развиени од страна на британските студенти, кои изразија желба токму оваа тематика да ја вклучат во истражувањата кои се спроведуваат на нивниот универзитет.

Инаку, истражувачкиот интерес на проф. д-р Оливера Костоска од Економскиот факултет-Прилеп, единица на УКЛО, примарно е фокусиран на меѓународната трговија и инвестиции, продуктивноста, иновациите и европската интеграција. Таа е учесник во меѓународни истражувачки проекти и автор на многубројни научни трудови, од кои дел се публикувани и цитирани во врвни научни списанија со фактор на влијание. Последното гостувачко предавање на професорката Костоска на Универзитетот „Вулверхемптон“ во Велика Британија само го потврдува нејзиното академско ниво и претставува потврда за исклучителниот интелектуален потенцијал со кој располага УКЛО.

(Комерцијална објава)

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование