X
 15.02.2022 Наша тема

Намалена потрошувачката на антибиотици, зголемена употребата на лекови со широк спектар

Вкупната потрошувачка на лекови на рецепт на товар на Фондот во примарната здравствена заштита во 2021 споредено со 2018 година е зголемена за над еден милион, велат од ФЗОМ

Од Фондот за здравствено осигурување лани се исплатени околу 305 милиони денари за антибиотици, или 5 милиони евра, што е 11% од буџетот на Фондот за лекови на рецепт. Овие средства се за околу 9,8 милиони денари повеќе отколку во 2018 година, но за многу помалку лекови. Според податоците од ФЗОМ, потрошувачката на антибиотици во 2021 е намалена за 182.062 во споредба со 2018 година, односно толку е помал бројот на рецепти за антибиотици.

Лани, во споредба со 2020 година, потрошувачката на антибиотици се зголемила за 9.665 и биле исплатени 18,59 милиони денари повеќе.

- Лековите се едни од најзлоупотребуваните медицински производи, особено антибиотиците, за што алармира и Светската здравствена организација, дека постои светска на користење лекови што освен на пациентите, им штети и на здравствените системи на државите. Процената на СЗО е дека најмалку 50 проценти од лековите не се употребени рационално, односно не се припишани соодветно на реалните потреби на пациентите, односно биле припишани без медицинска индикација, не биле употребени правилно, што значи во вистински потребната доза, на правилен начин и во право време - велат од ФЗОМ. Оттаму апелираат до сите вклучени во здравствениот систем на правилна употреба на лековите.

- Апелираме и до лекарите кои ги припишуваат лековите и до фармацевтите кои ги издаваат и ги даваат насоките за правилна примена на лековите, како и до пациентите, да се придржуваат со рационално користење - велат од Фондот за здравствено осигурување.



Оттаму објаснуваат дека и покрај тоа што е забележано намалување на потрошувачката на антибиотици, лани се реализирани 1,561 милион рецепти за антибиотици, а во 2018 година 1,744 милион рецепти, што укажува дека има зголемена потрошувачка на два антибиотика.

- Потрошувачката е значително зголемена на азитромицин (сумамед) и цефиксим, кои се антибиотици со широк спектар. Затоа мора повнимателно да се припишуваат, за да не се дојде до ситуација да го изгубат своето дејство врз бактериите, со што би ја изгубиле и нивната драгоцена лековита улога, покрај губењето финансиски средства - велат од ФЗОМ.

Оттаму додаваат дека вкупната потрошувачка на лекови на рецепт на товар на Фондот во примарната здравствена заштита во 2021 споредено со 2018 година е зголемена за над еден милион.

- Потрошувачката на лекови на рецепт во периодот 2018-2021 година се движи од 23,67 милиони до 24,77 милиони, со околу 2,8 милијарди денари годишно. Тоа покажува дека и покрај укинувањето на финансиските лимити - квотите на аптеките, финансиските средства што ги одделува Фондот за лекови на рецепт се движат на исто ниво - велат од ФЗОМ.
Минатата година Фондот за здравствено осигурување склучил договори со 778 аптеки, а годинава се склучени договори со 890 аптеки.
Подготвил: Елица Бочварска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема