X
 15.03.2019 Технологија

Телефонот ќе им служи како очи на лицата со оштетен вид

Се проценува дека 1,3 милијарда луѓе во светот се со оштетен вид, а од нив 36 милиони се слепи.

„Гугл“ лансира апликација потпомогната од вештачката интелигенција (АИ), а создадена да служи како очи за тие луѓе, овозможувајќи им го нивото на независност што претходно можеби им недостигало и покажувајќи му на светот како АИ може да им помогне на луѓето со послаб вид.

Апликацијата е наречена „Lookout“ и начинот на кој функционира е едноставен. Само отворете ја апликацијата на вашиот телефон и слушајте додека апликацијата звучно го опишува предметот кон кој е насочена камерата на телефонот.

Апликацијата има три режими создадени за посебни ситуации.

Прв е режимот за истражување (Explore mode). „Гугл“ сугерира дека луѓето со тешко оштетен вид може да изберат да си ги носат телефоните околу врат за да може со помош на овој режим на работа на апликацијата да добиваат постојани ажурирања за околината.

Режимот за пазарување (Shopping mode) е корисен за скенирање на бар-кодови или вчитување на валути - лице со послаб вид може да ја користи оваа функција ако не е сигурно дали сметката е 10 или 20 долари.

Режимот за брзо читање (Quick Read mode), пак, е прилично јасен. Лицето го насочува телефонот кон текстот и апликацијата го чита.

Иако од „Гугл“ наведуваат дека апликацијата нема секогаш да биде 100 отсто совршена, таа има потенцијал драматично да го подобри квалитетот на животот на луѓето со оштетен вид. Тоа ќе биде особено точно ако „Гугл“ вклучи повеќе јазици, локации и направи - моментално апликацијата зборува само англиски и е достапна за Американците што поседуваат „Пиксел“ направи.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија