X
 15.03.2021 Живот

Ковид-пасошите на Европската Унија нема да ги признаваат руската и кинеската вакцина

Предлогот за воведување таканаречени „ковид-пасоши“ за слободно движење во рамките на Европската Унија, кој ќе биде предложен на 17 март, ќе важи само за вакцинирање со вакцини одобрени од Европската агенција за лекови (ЕМА). Наведената причина е тоа што неодобрените вакцини нема да бидат опфатени со клаузулата за одговорност и контрола на квалитетот на Европската Унија.

Илва Јохансон, комесарка за внатрешни работи во ЕУ го потврди ова.

„Еуроњуз“ се повикува на извор кој тврди дека еврокомесарот за правда Дидие Рејндерс јасно ставил до знаење дека земјите-членки можат слободно да ги вакцинираат своите граѓани со вакцини од други производители, но дека нема да добијат лиценциран патен сертификат за вакцинација доколку вакцината не е од одобрен производител, а во моментов има четири одобрени производители: „Фајзер/Бајонтек“, „Астра зенека“, „Модерна“ и „Џонсон & Џонсон“.

Времетраењето на дигиталниот зелен сертификат треба да биде ограничено до крајот на пандемијата, пишува „Еуроњуз“, а тестовите и карантинот и понатаму ќе бидат дел од задолжителните мерки. Така, вакцинацијата не станува предуслов за слободно движење. Зелениот сертификат ќе биде достапен во дигитален и хартиен формат.

Рејндерс посочи дека заштитата на податоците и можната дискриминација остануваат клучна грижа за Европската комисија, која работи на предлог за патнички сертификат.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, изјави дека ќе биде технички возможно да се развие ковид-пасош во рок од околу три месеци со користење податоци што укажуваат на тоа дали некое лице е вакцинирано, тестирано негативно или е имуно по заразување со оваа болест, но дека многу политички прашањата прво мора да се решат.

Сертификатите може да помогнат во враќањето на авионскиот сообраќај и евентуално да се избегне уште една катастрофална летна сезона бидејќи туристичката индустрија и пошироките економии страдаат од ограничувањата.

Земјите од Јужна Европа зависни од туризмот, како што се Грција, Шпанија и Португалија, поддржуваат ваков систем, но нивните северни партнери во ЕУ, како Германија, имаат резерви за тоа дали таквите сертификати ќе работат.

Извор: Euronews.com
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот