X
 15.03.2022 Наша тема

Владимир Јанковски: Желбата - најсилeн агенс за промена на нештата

Војната во Украина е нешто што мора да запре колку што е можно побрзо, страдањето на оние што остануваат и на оние што бегаат мора веднаш да заврши, вели Јанковски

Вашиот роман „Скриени желби, далечни патувања“ е македонски кандидат за наградата на Европската Унија за литература за 2022 г. Дали можеби со номинацијата се остваруваат некои од Вашите „скриени желби“?

- Желбата на секој автор е книгата да дојде до колку што е можно поголема публика, дијалогот меѓу неговиот текст и читателите да биде колку што е можно побогат. Секој читател ја збогатува вашата книга затоа што секое читање е уникатно толкување на објавениот текст. Верувам дека со секое ново такво толкување текстот добива и нов живот, се проширува неговото зрачење. Текстот на „Магбет“ пред читателот од 18 век на различен начин зрачи пред читателот од 21 век, на различен начин ќе зрачи во 24 век. Бидејќи со номинацијата се отвораат некои нови перспективи за книгата, секако дека со неа се остваруваат и некои мои желби за нејзиниот живот, пред сè, на други јазици.

Романот беше и добитник на наградата „Роман на годината“ и кандидат за меѓународната награда „Балканика“... Колку се важни наградите во портфолиото на еден писател?

- Книжевните награди се важни затоа што ја зголемуваат видливоста на книгата и овозможуваат поголем број читатели да дознаат за неа. Но, сепак, нивната важност е ограничена. Потоа следува судот на читателите, книжевната критика, на историчарите на литературата итн. И во македонската книжевност и пошироко имало примери кога некои книги не добиле книжевна награда, а сепак имале одлична рецепција кај другите чинители во книжевниот живот. Секако, го имаме и обратниот случај. И покрај сè, понекогаш ми е многу тешко за литературата и, воопшто, за уметноста да размислувам во контекст на компетенцијата. Целата таа машинерија на награди, признанија, валоризации може да биде и малку заморна. Особено во средините во кои нема развиена читателска публика или систем на критичко-теориско пишување за уметноста. Значи, системот на награди е важен, но не смее да се преценува.


Владимир Јанковски/ Фото: Игор Тодоровски

Што тематизира романот „Скриени желби, немирни патувања“ и на што алудира насловот?

- Тематски, романот се занимава со некои прашања што ми беа интересни додека го пишував. Прашањето за односот меѓу реалниот и виртуелниот свет, едно од прашањата што моментално секојдневно ги живееме. Прашањето за тоа што е успех во денешното општество, личната борба за тој успех, каков е односот меѓу надворешниот успех и внатрешните егзистенцијални борби. Темата на успехот во светот на уметноста, како тој се постигнува, по која цена, дали понекогаш се прават премногу компромиси при неговото постигнување. Дали тоа што ние го доживуваме како успех понекогаш не е неговата парадоксална опачина? Секако, освен овие основни теми, се обидов да налепам голем број други нешта поврзани со времето во кое живееме – суровиот однос кон послабите од нас, потребата да се мимикрираме себеси, потребата да си поигруваме со себеси и со другите, современите градови како лонци на нашата егзистенција, темата на поминувањето на границите, внатрешни и надворешни, темата за надворешните патувања и патувањата во себе.

Еден од ликовите во романот ќе се запраша: „Што се случува со светот во кој од желбата останува само прав?“... Па што останува?

- Сакам желбата ја гледам како еден од најсилните агенси за промена на нештата. Живи сме сè додека имаме желби.

Во една од рецензиите за романот е цитиран Борхес: „Има нешто во феноменот на приказната што е вечно и што никогаш нема да замре. Не верувам дека на луѓето некогаш ќе им здодее од раскажувањето или од слушањето приказни“... Точно, но колку приказните го прават светот подобро место за живеење?

- Луѓето отсекогаш раскажувале приказни. За да си објаснат себеси нешто, за да им објаснат нешто на другите, за да споделат нешто. Раскажувањето приказна е еден од основните начини на кој го градиме односот кон надворешниот свет, кон другите, но и кон себеси. Раскажувањето приказни често е процес преку кој го создаваме и го зацврстуваме нашето сознание за феномените што нè опкружуваат. Мислам дека приказните можат да го направат светот подобро место за живеење кога тие успеваат да бидат медиум преку кој се спојуваме со другите луѓе, подобро комуницираме, на некој начин ги допираме другите луѓе. А оние приказни што нè возбудуваат или успеваат да ја поттикнат нашата љубопитност за светот, го прават светот подобро место за живеење затоа што на тој начин и го естетизираат. Не велам го разубавуваат, затоа што тоа многу малку ни е потребно. Туку го естетизираат, значи го ставаат во функција на естетското.



Во една пригода велите: „За мене подрумите на приказната отсекогаш биле поинтересни од нејзините дневни соби или, на пример, балкони“... Успевате ли секогаш да го извадите од „подрумот“ она што Ве притиска и има ли можеби ваквото пишување психотерапевтски ефект?

- Секако дека успевам да извадам нешто од „подрумот“ на моето јас додека пишувам, затоа што многу често во чинот на пишување од нас излегуваат некои аспекти за кои не сме биле свесни дека постојат или барем не комуницираме со нив на секојдневно рамниште. Пишувањето многу често освен што е длабење во светот, е и длабење во себеси. Литературата се случува во тој спој, во спојот меѓу надворешното што го гледаме и внатрешното што го носиме. А во однос на психотерапевтскиот ефект... Секако дека го има. Многу нешта ми стануваат појасни откако нешто ќе напишам за нив или ќе ги „форматирам“ во текст.

И за крај, како се чувствувате деновиве кога светот одново е трауматизиран, по преживеаната пандемија, сега сме сведоци на вистинска, дури не ни студена војна?

- Се чувствувам ужасно. Војната во Украина е нешто што мора да запре колку што е можно побрзо. Ужасите од секојдневните бомбардирања, гранатирања, разурнувања и уништувања на Украина мора да бидат поттик за сите нас остро да ја осудиме оваа ирационална и сосема непотребна војна. Ова сосема непотребно и сурово уништување на човечки животи, домови, инфраструктура. Нема ниедна легитимна причина за оправдување или некакво дополнително објаснување на ужасот што секој ден го гледаме во Украина и на нејзините граници. Страдањето на тие што остануваат во својата земја додека во неа беснее војна и на бегалците што решиле да заминат од својата земја мора веднаш да заврши.
Подготвил: Весна Дамчевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема