X
 15.04.2020 Економија

Креативни начини на кои бизнисите се адаптираат на кризата

Социјалното дистанцирање во овој момент е неопходно за да се намали ширењето на коронавирусот, а со тоа и да се спречат фаталните последици од него. Сепак, ова е катастрофално за многу мали бизниси. Многу од нив се обидуваат да бидат креативни и да најдат начин како да продолжат со работа.

На пример, фирмата за чистење домови „Аман фор хоум“ морала да најде нови клиенти бидејќи редовните клиенти повеќе не сакале некој да им влегува во домот. Затоа, компанијата почнала да нуди услуги за стерилизација и дезинфекција на влезовите во зградите. Побарувачката не е толку висока како порано, но е доволна за да продолжи со работа.


Фото: Pixabay

На сличен начин, многу дестилерии почнале да прават антибактериски гелови. Дестилеријата „Личфилд“ во Конектикат бесплатно нуди антибактериски гелови за да се промовира.

Многу ресторани и барови почнале да нудат онлајн-достава, а некои бизниси одат и чекор напред. Продавницата за подароци „Ла ди да!“ во Чикаго нуди персонализирани подароци, а сега им нудат предлози за персонализирани подароци онлајн. Вработените им поставуваат прашања на клиентите и според нив го одбираат совршениот подарок.

Продавницата за играчки „Некерс тојленд“ почнала да им нуди на клиентите виртуелна тура од нивната продавница и со тоа им помага да купат производ.


Фото: Pixabay

„Мекалистер трејнинг“ од Калифорнија, како и многу други фитнес-центри, почнал да нуди виртуелни часови за вежбање. Освен тоа, почнал да нуди и часови за деца.

Додека некои бизниси наоѓаат креативни решенија за да се надмине кризата, други почнуваат соработки со поголеми бизниси. Ресторанот „Метро бис“ почнал да им продава готови оброци на супермаркетите.

Од друга страна, „Сити Хоум“, компанија за дизајн на ентериер од Орегон, почнала соработка со локална цвеќарница. Клиенти на „Сити хоум“ добиваат букети како подарок со нивната достава. На овој начин цвеќарницата се промовира кај луѓето што бараат промена во дизајнот на својот дом.


Автор: Дебора Тенен-Запиер
Извор: fastcompany.com 
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија