X
 15.05.2019 Образование

Владата реши - младиот виолинист Александар Иванов ќе добие шанса за стипендија

Ќе им се овозможи и на нашите талентирани државјани кои аплицираат и се примени на врвни музички школи во светот, да студираат непречено со поддршка од Министерството за образование и наука

Младиот виолинист Александар Иванов (18) ќе добие шанса државата да му одобри 35.000 американски долари, со што ќе се комплетира стипендијата која му ја додели престижната музичка школа „Џулијард“ од Њујорк. Во септември тој ќе мое да ги почне студиите. По пишувањата на Факултети.мк и на повеќе други медиуми, Министесртвото за образование и наука денеска соопшти дека Владата на наредната седница ќе предложи да се направи измена и дополнување на Програмата за остварување и развој на дејноста во студентскиот стандард за 2019 година.

- Со тоа ќе се даде основа МОН да објави конкурс за доделување на стипендии за студии на врвни светски високообразовни установи од областа на уметноста, вклучувајќи ја и музиката. Со тоа, ќе им се овозможи и на нашите талентирани државјани кои аплицираат и се примени на врвни музички школи во светот, да студираат непречено со поддршка од Министерството за образование и наука. На конкурсот можност за аплицирање за стипендија ќе има и студентот од нашата земја кој е примен на The Juilliard School во Њујорк, САД, а кој е дел од низа написи во медиумите во минатите неколку денови – соопшти МОН.


Александар Иванов / Фото: Маја Аргакијева

Проблемот се појави откако службите на МОН не прифатиле да го разгледуваат предметот за стипендирање на младиот виолиност, бидејќи институцијата на која го примиле не е на Шангајската листа. Услов за МОН да даде стипендија е студентот да биде примен на некој од првите 100 универзитети на оваа листа.

Во меѓувреме, на онлајн-платформата gofundme почна акција за собирање 35.000 американски долари за да може Иванов да ја доплни стипендијата која „Џулијард“ никогаш не ја доделува целосно.

Александар за Факултети.мк изјави:
- За да стигнам до „Џулијард“, целото финансиско бреме беше на товарот на моето семејство. Во моментот кога стигнав до најдобрата точка од школувањето, се соочувам со финансиски проблем кој моето семејство веќе не може да го издржи.

Александар Иванов има богата биографија зад себе, иако има само 18 години. Тој е најмладиот добитник на наградата „Виртуози“, која ја организираат Националната опера и балет, Филхармонија и Сојузот на композиторите на Македонија. Добитник е на многубројни државни и меѓународни награди. Покрај работата со Светлин Русев, посетувал мастер-класови со еминентни светски виолинисти: Вадим Репин, Леонид Кербел, Ноа Џелер, Надја Невелович и многу други.
Подготвил: В.И.И. / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование