X
 15.05.2020 Живот

Кино во САД нуди бесплатни приватни проекции за здравствените работници

Киносалите се затворени речиси насекаде низ светот, па и во САД. Но киното „Плаза“ во Атланта нуди бесплатни приватни проекции за здравствените работници што работат со пациенти заболени од Ковид-19.

Киното се отвора еднаш дневно, четири дена во неделата. Во тој термин дозволен е влез за еден здравствен работник и неговото семејство. Може да се гледа кој било филм, а во салата нема други посетители. Здравствените работници однапред ги одбираат филмот, храната и пијалаците, а кога ќе пристигнат во салата, нарачката ги чека на нивните седишта.


Фото: Pixabay

Пред пандемијата киносалата нудела ваква опција за клиентите што биле подготвени да платат повеќе од регуларните цени на билетите. Вакви „настани“ биле организирани за луѓе како Том Хенкс и Клинт Иствуд.

- Обично ни доаѓаат луѓе што глумат херои на екранот. Ова се херои во вистинскиот живот. Ова е можност да ги третираме како ВИП-личности, какви што и се - вели Кристофер Ескобар, сопственик на „Плаза“.

Ескобар планира да продолжи со иницијативата додека не се отвори киносалата. Тој дополнително им помага на здравствените работници подарувајќи им пакети за гледање филм во кои има пуканки, слатки, пијалаци и ваучери за идните филмови што ќе бидат прикажувани во киното. 


Фото: Pixabay

„Плаза“ има финансиски проблеми, иако нуди пакети и бесплатни проекции. Ескобар открива дека донациите најмногу му помогнале да продолжи со работата. Луѓето донирале повеќе од 30.000 долари за киното, кое е најстаро во Атланта.

- Сметаме дека мора да им вратиме на луѓето што повеќе ја заслужуваат таа помош. Ова се луѓе кои се соочуваат со многу потешки, пострашни работи од нас. Речиси се чувствувам дека не ја заслужувам оваа помош, овие долари - вели Ескобар.

Автор: Дру Шварц
Извор: vice.com 
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот