X
 15.05.2022 Наша тема

Светски ден на семејството - урбанизацијата и грижата за него

Семејството е срцето на секоја општествена заедница, со сопствен ритам на отчукување. Зародишот и основната компонента за стабилноста на семејствата претставуваат топлината, радоста, љубовта и поддршката помеѓу членовите, но и поддршката од заедницата, институциите.

Нуклеарно семејство, проширено семејство, вонбрачна заедница, еднородителско семејство, постразводен семеен систем, мешовити/комбинирани семејства („мои, твои и наши деца“) или еднополни (хомосексуални) семејства - сите тие се дел од пошироката сфера - супрасистемот – заедницата, односно глобалниот свет. Меѓузависноста се огледува преку постојаната интеракција така што случувањата во семејството влијаат врз заедницата, но и обратно. Отворените врски или полупропустливите граници, кажано на системски речник, се предуслов за развиток и промена.

Урбанизацијата претставува процес на намалување на бројноста на населението во руралните средини, а зголемување во градските. Нејзините основни цели се: искоренување на сиромаштијата, одржување добро општо и ментално здравје и благосостојба на луѓето и семејствата, социјална инклузивност, но и намалување на нееднаквоста меѓу луѓето.

Креирањето на идните политики на одржливост на глобалната урбанизација треба особено да биде во насока на грижа за благосостојбата на семејствата.
Како што кажавме, една од основите цели на урбанизацијата е инклузијата. Од психолошки аспект, таа претставува важен исчекор при подигнување на моралниот дигнитет, вредностите, верувањата и надежите, односно подигнување на ментална свест кон лицата со попречености или ментални нарушувања. Развиеноста на програмите за поддршка е од круцијално значење, а дестигматизацијата би го развила својот тек. Овие програми секако се формираат и за психолошка поддршка на членовите на семејствата.
Промените како последица на урбанизацијата треба да настанат со цел подобра интеграција на семејствата. Секое семејство е посебно и уникатно, секое ја компонира својата единствена мелозвучна мелодија. Секое е ранливо, но истовремено и силно. Може да биде и затворено како школка во моментите кога се грижи за своите бисери.

Автор: Мирјана Цветковиќ, психолог
Институт за брак, семејство и системска пракса – Алтернатива

Издвојуваме

Наша тема