X
 15.06.2018 Живот

Еден од најпознатите експерименти во историјата е измама?

Најпознатиот психолошки експеримент на сите времиња, стенфордскиот затворски експеримент, кој стекна речиси култен статус, всушност е лага, пишува Бен Блум за порталот „Медиум“.

Филип Зимбардо, млад професор по психологија од Универзитетот „Стенфорд“, во 1971 година спроведе експеримент во кој изгради лажен затвор и во него затвори девет лажни затвореници и девет лажни чувари. Студентите се јавуваа доброволно преку оглас во весниците за учество во експериментот и добиваа прилично добри дневници за тоа. Тимот на чувари се состоеше од Зимбардо и неколку негови студенти.

Стенфордскиот затворски експеримент (СПЕ) денес се користи главно за подучување на фактите дека нашето однесување е условено од општествените улоги и ситуациите во кои се наоѓаме. Но, подлабоката и многу мрачна претпоставка на овој експеримент е дека во сите нас има скриен садизам, кој само чека шанса да се ослободи. Со таа претпоставка се објаснети масакрите во војната во Виетнам, ерменскиот геноцид и ужасите од холокаустот. Потврда и симбол за ужасната агонија што еден човек може да му ја нанесе на друг, стенфордскиот затворски експеримент нуди во ликот Корпи и во неговиот познат нервен слом, кој се случил по само 36 часа од почетокот на експериментот, а кој наводно бил предизвикан од суровоста на неговите врсници.

Постои само еден мал проблем: Нервниот слом бил измама.

- Секој што е лекар би морал да знае дека глумев. Ако ја слушате снимката, таа ни малку не е суптилна. Не сум толку добар глумец. Мислам дека завршив прилично добра работа, но повеќе сум хистеричен отколку психотичен. Ја прифатив работата бидејќи мислев дека ќе можам секој ден да седам сам и да учам за своите завршни испити. Првиот ден беше навистина забавен. Побуната беше забавна. Немаше последици. Знаевме дека чуварите не можат да ни наштетат, дека не можат да нѐ повредат - вели Корпи.

За него, најстрашното нешто во експериментот било тоа што им рекле дека независно од нивната желба да се откажат од сѐ, не смеат да заминат.

- Бев шокиран. Едно е да ме соберете во полициски автомобил и да ме одведете во затвор, но навистина претераа кога рекоа дека не смеам да заминам. Помислив „О, Боже“. Така се чувствував - додава Корпи.

Ричард Јако, друг затвореник, се присетува дека бил изненаден кога вториот ден од експериментот прашал еден чувар како да се откаже од сѐ и дознал дека не може да го направи тоа. Третиот затвореник, Клеј Рамзи, бил толку ужаснат кога дознал дека не може да се откаже што почнал штрајк со глад.

- Тоа го сметав за вистински затвор бидејќи мораш да правиш нешто што би ги загрижило за да излезеш - објаснува Рамзи.

Кога му се обратив на Зимбардо во врска со тврдењата на Корпи и Јако, веднаш негираше дека биле принудени да останат.

- Тоа е лага. Тоа е лага - рече тој.

Откако му ги пуштив снимките што ги пронајде францускиот режисер Тибо Ле Тексие, кој во својата книга „Историја на една лага“ наведува разни нови документи за експериментот, а кои кажуваат сосема поразлична приказна од онаа официјалната, Зимбардо го промени мислењето. Тој призна дека на обрасците на кои се потпишувале студентите пред експериментот била наведена фразата „Го напуштам експериментот“, која морале да ја изговорат во случај ако навистина сакаат да излезат. Дури откако ќе ја изговорат целата реченица, можеле да бидат ослободени.

Но, во обрасците што ги потпишувале студентите, кои исто така можат да се најдат на неговата интернет-страница, не се споменува таа фраза. Иако стандардната приказна на Зимбардо за експериментот нуди емоционални реакции на затвореници како доказ за јачината на влијанието на околината и однесувањето на чуварите кон нив, реалноста сепак дава многу поедноставно и помалку драматично објаснување, кое за Зимбардо можело да има и правни последици.

Корпи ми објаснува дека во животот најмногу жали за тоа што не го тужел Зимбардо.

- Срамота! Требаше да направиме нешто - вели тој.

Иако Зимбардо сака да кажува дека чуварите станале насилни сами од себе, поискрената верзија од приказната содржи и состаноци на чуварите кои се одвивале пред самиот почеток на експериментот, каде што Зимбардо објаснувал која е точно улогата на чуварите и што сѐ смеат да прават за да се предизвика состојба на страв и немоќ кај затворениците.

- Не смееме физички да ги малтретираме или мачиме. Можеме да создаваме досада. Можеме да создаваме фрустрација. Можеме во нив да всадиме страв, до некаде... Ние имаме целосна контрола над ситуацијата. Тие немаат ништо - вели Зимбардо.

Ова може да се види на снимката што првпат беше објавена десет и пол години по експериментот.

Голем дел од состанокот го обликувал Дејвид Јафа, студент кој имал улога на надзорник, а чија улога во експериментот долго време се занемаруваше. Дејвид и неговите колеги ја смислиле целата идеја за симулиран затвор неколку месеци порано во рамките на задачата за едно предавање на Зимбардо, а Зимбардо бил толку воодушевен од количината на драма и од концептот, што одлучил да ги искористи во многу подолга временска рамка. Со оглед на тоа дека Зимбардо никогаш немал посетено затвор, Дејвид го направил концептот според своите истражувања и според советите на Карл Прескот, поранешен затвореник во затворот Сан Квентин, кого Дејвид го довел како консултант.

Иако Зимбардо често велел дека чуварите развиле свои сопствени правила, поголемиот дел од нив всушност во текот на тие состаноци биле копирани од писмениот труд на Дејвид, кој понудил и понатамошни идеи за малтретирање на затворениците.

Фото: Buka

Кога почнал експериментот, Дејвид експлицитно ги предупредувал и ги коригирал чуварите што не се однесувале доволно грубо, поттикнувајќи го на тој начин токму она патолошко однесување за кое Зимбардо тврдеше дека настанало само од себе.

Според Алекс Хаслам и Стивен Рајкер, психолози што учествувале во креирањето на репликата на експериментот во Велика Британија во 2001 година, клучен фактор во поттикнувањето на луѓето на грубост е фигурата на лидерот која ги уверува да прават нешта во име на повисоко морално добро со кое се поистоветуваат - на пример, во име на затворските реформи.

Иако нам ни е објаснето дека чуварите ги малтретирале затворениците во стенфордскиот затворски експеримент поради моќта што ја подразбирале нивните улоги, Хаслам и Рајкер напоменуваат дека тоа однесување произлегло од нивната идентификација со експериментот, која Дејвид и Зимбардо ја поттикнувале кога и да можеле.

- Вџашен сум од леснотијата со која можат да ја исклучат чувствителноста и грижата за останатите во име на „добрите нешта“ - забележа самиот Дејвид во една самопроцена.

Стенфордскиот затворски експеримент му овозможил на Зимбардо позиција на најугледен американски психолог. Тој станал главен автор на еден од најпопуларните учебници во својата област и водител на серијал, кој се употребувал во средните училишта и на предавањата на факултетите и се прикажува и ден-денес. Неговата популарност се проширила и надвор од границите на САД.

Иако експертите веќе одамна ја доведуваат работата на Зимбардо под знак прашалник, тие не успеаја да ја намалат популарноста на неговата приказна. Привлечноста што експериментот ја има за јавноста се чини поважна од нејзината научна веродостојност, можеби затоа што ни ја пренесува приказната за нас, во која очајнички сакаме да поверуваме дека ние како индивидуи, всушност не можеме да бидеме одговорни за ужасните нешта што некогаш ги правиме.

За професорите по психологија, експериментот е задоволство за масите, главно претставено со многу живописни и вознемирувачки снимки.

- Ве фаќа вртоглавица кога ќе го погледнете. Помислувате „О, Боже, и јас би можел да бидам нацист. Мислев дека сум добра личност, а сега откривам дека можам да бидам тоа чудовиште“. Истовремено е охрабрувачко бидејќи и ако станам чудовиште, тоа не се случило бидејќи во сржта сум зол, туку затоа што ситуацијата е таква. Мислам дека токму поради тоа, експериментот бил толку популарен во Германија и во Источна Европа. Не се чувствувате виновни. „Ох, во ред, таква беше ситуацијата. Всушност, сите сме добри. Нема проблем. Ситуацијата нѐ натера на тоа“. Шокантно е, но од друга страна е и охрабрувачко. Мислам дека токму тие две пораки го направија експериментот толку популарен - истакна Тексие.

Во анкетите направени во 2014 и 2015 година, Ричард Григс и Џаред Бартелс посебно дојдоа до откритија дека речиси секоја книга за вовед во психологијата што постои на пазарот го содржи наративот на Зимбардо за експериментот, главно некритички пренесен.

Студијата на сите им даде јасен доказ за нешто што веќе го знаеле - дека затворскиот систем е нечовечен.

Сепак, многу криминолози денес се согласуваат околу тоа дека затворите не се толку безнадежни. Постојат дури и програми за рехабилитација, низ кои на затворениците им се помага да си го поправат животот, да научат нешто ново или да придонесат за својата заедница.

Во меѓувреме, наследството од работата Зимбардо и понатаму опстанува. Иако тој ја промени својата првична приказна за експериментот и потврди дека затворениците не биле пуштани лесно на слобода и дека Џафи играл важна улога при одредувањето на правилата за чуварите, тој себеси се смета за општествен активист бидејќи затворската реформа за него секогаш била важна при изведувањето на експериментот. Но, тој тврди дека немало причина поради која ја започнал студијата.

На крајот од долгиот, напнат разговор, го прашав дали смета дека објавата на книгата на Ле Тексие ќе го промени начинот на кој луѓето го доживуваат експериментот.

- Не знам. На некој начин не ми е ни гајле. Мојот моментален проблем е што не сакам веќе да го губам своето време. По овој разговор со вас, нема веќе да давам никакво интервју за тоа. Тоа е губење време. Луѓето можат да кажат што сакаат. Тоа моментално е најпознатата психолошка студија во историјата. Нема друга студија за која луѓето разговараат 50 години подоцна - истакна тој.

Зимбардо минал голем дел од последните 50 години одговарајќи на прашања за најмрачните шест дена од неговиот живот, со што на некој начин и самиот станал заробеник на успехот на тој експеримент.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот