X
 15.06.2018 Наука

Песочна бура го голта Марс

Марс во моментов не е многу пријатно место, особено ако сте стар ровер кој функционира на соларен погон.

Од НАСА истакнаа дека се формира глобална песочна бура која е толку голема, што би можеле да  бидат покриени Северна Америка и Русија, или повеќе од една четвртина од Марс. Некои делови од површината на Марс станаа толку нејасни што дневната светлина се претвори во темнина.

- Бурата е една од најинтензивните што некогаш биле видени на Црвената Планета - истакнаа од НАСА.

Истражувачите од НАСА истакнаа дека тие очекуваат бурата да ја зафати целата планета за два или три дена.

Фото: Science Alert

На фотографиите може да се види како изгледа бурата од планетата и од подалеку. Се гледа како изгледаат Сонцето и небото во текот на најсветлиот период од денот и тие се засноваат на реални фотографии направени од роверот.

Светлата точка, секако, е Сонцето. Изгледа сино поради составот на воздухот на Марс.

Од НАСА не посочија кој момент од бурата е прикажан на првата лева фотографија, но од агенцијата истакнаа дека последната (крајната десна) фотографија прикажува како изгледа небото над Марс во текот на овој месец.

Роверот „Опортјунити“ слета на Марс во 2004 година и требаше таму да остане 90 дена, иако оперира повеќе од 14 години. Сепак, светлината сега е толку замаглена во близина на „Опортјунити“ што НАСА реши да го „заспие“ роверот за да заштеди енергија бидејќи соларните панели не можат да соберат доволно енергија за да може роверот да функционира нормално.

Во минатото научниците предупредуваа дека ако соларните панели бидат прекриени со прав, роверот може да биде во опасност.

Фото: Science Alert

Во меѓувреме, роверот „Кјуриосити“ си функционира сосема нормално бидејќи работи на нуклеарна енергија. Исто така, тој ровер е во регион што не е толку затемнет од бурата.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука