X
 15.06.2020 Наука

Друштвена игра стара 1.700 години

Дозволете ни да ви претставиме една од друштвените игри што старите Римјани ги играле пред 1.700 години. Играта се вика ludus latrunculorum, а изгледа дека една верзија од неа е откопана од могила во Норвешка.

Пронајдокот се состои од 19 дела за играње, вклучително и издолжена коцка која повеќе изгледа како инструмент за пишување отколку како малите коцки што ги користиме денес. Се смета дека оваа игра била слична на шах, дама или табла, а играчите биле вовлекувани во предизвик на воени тактики.

Фото: Science Alert

Наоѓалиштето Итре Фросе во Западна Норвешка датира од раното железно време, околу 300 година н.е., и се наоѓа до важна морска маршрута позната како „Нордвеген“ или „Северен пат“. Некои научници мислат дека била толку важна, што е можно и Норвешка да го добила името по неа.

Многу ретко археолозите наоѓаат големи сетови со делчиња како што е овој во Скандинавија, но локацијата на пронајдокот би можела да даде објаснение за тоа како играта се нашла таму - можеби била начин за социјализација или губење време на трговците.

Според археолозите, могилата каде што биле пронајдени деловите од играта најверојатно му припаѓала на некој со значителен статус. Другите откопани парчиња - како глинени садови, коска, бронзена игла и изгорено стакло - ја поддржуваат таа идеја.

- Ова се статусни објекти кои сведочат за контакт со Римското Царство, каде што луѓето сакале да уживаат со друштвени игри. Луѓето што играле вакви игри биле аристократи или од повисока класа. Играта покажува дека имате време, профит и способност да мислите стратешки - вели историчарот Мортен Рамстад.

Фото: Science Alert

Откопаните делчиња од играта се направени од коски и се релативно добро сочувани, велат истражувачите. Ова е фасцинантен поглед во минатото на човештвото и може да им каже на историчарите повеќе за развојот на културата на Норвежаните во раната железна доба.

- Наоѓањето на игра, која е стара речиси две илјади години, е фасцинантно. Ни кажува дека луѓето тогаш не биле многу поразлични од нас - заклучува Рамстад.

Извор и насловна фотографија: Science Alert
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука