X
 15.08.2021 Наша тема

Дали знаете дека и вакциналниот пасош има ограничена важност?

Според епидемиолозите, ковид-пасошот најверојатно ќе остане во функција и подолго, а во зависност од тоа дали ќе има и трета доза ќе се дефинира неговата важносг

Две дози на примена вакцина и поминати 14 дена од втората доза е условот за да добиете ковид-19 сертификат за вакцинација за патување.
Во некои држави овој документ, наречен и ковид-пасош и покрај можноста за патување, потребен е и за влез на јавни места каде има поголемо групирање, меѓу кои и рестораните.

Многумина пред вакцинација веќе бараат информации за важноста на овој сертификат, дали има ограничување и во коjа држава колку трае.

Според епидемиолозите, ковид-пасошот најверојатно ќе остане во функција и подолго, а во зависност од тоа дали ќе има и трета доза ќе се дефинира неговата важносг.

Ваквиот сертификат за патување е потребен во најголем дел од земјите во Европа, особено во земјите на Европската Унија. Малку се оние држави кои на влез не бараат таков документ, меѓу кои е и Македонија.

Според последните мерки усвоени од Владата, од утре, 16 август 2021 година, се воведува задолжителна потврда за извршена имунизација, најмалку прва доза, со задолжителна редарска служба заради контрола на приложувањето доказ за вакцинација при влез во секаков вид објект, вклучувајќи и во угостителски објекти, каде што има повеќе од 30 присутни лица, за каков било настан (прослава, концерт, семинар, обука, работилница, конференција, културни или спортски настани).

Венко Филипче, министерот за здравство, вели дека јавното здравје и колективната заштита се приоритет, а мерките што се донесени се исклучиво во таа насока.



Секоја земја носи свои рокови

Вакцинацијата и ковид-сертификатот беа надеж за враќање на патувањето и враќање на туризмот. Голем дел од луѓето и во Македонија се вакцинираа за да можат слободно да патуваат. Но, и покрај тоа што двете дози на вакцина треба да бидат доволна заштита од вирусот, сепак дел од државите веќе воведуваат временска важност на овој сертификат.

Македонија не е од тие држави и овде нема ограничување на важноста, но не е така на пример во Хрватска, каде што овој пасош важи 270 дена од издавањето.

Од земјите во регионот другите држави немаат ограничување.

Меѓу оние од Европа со ограничување се Данска, каде што вакциналниот сертификат трае осум месеци, а во Словачка 12 месеци. Од друга страна, најголем дел од државите воведоа важност од 180 дена за ковид-сертификат за прележаност.



Македонија нема ограничена важност на сертификатот за вакцинација

Од Минисгерството за здравство велат дека кај нас, засега, серитификатот за вакцинација не е со рок на важност.

- Важноста на потврдата за прележан ковид зависи од земјата каде се патува бидејќи правилата за влез во друга држава ги утврдува секоја држава индивидуално. Како пример посочуваме, за влез во Република Грција - доказ за прележан ковид-19 од два до девет месеци. За патување во Турција - доказ за прележан ковид-19 до шест месеци, односно дека во последните шест месеци, патникот ја има прележано болеста - посочуваат од ресорното министерство.
Подготвил: Радмила Заревска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема