X
 15.08.2021 Наука

Ново био-лепило го запира крварењето за само 15 секунди

Запирањето на крварењето од трауматска повреда може да спаси животи, но тешко е да се користат лепила кога крвта го навлажнува местото.

Сега, истражувачите од Институтот за технологија во Масачусетс развиле нов хируршки лепак што може да го запре крварењето во рок од 30 секунди, инспириран од суперсилното лепило што го користат морските школки од видот „Chthamalus stellatus“.

Во моментов, крварењето најчесто се контролира за време на операција или трауматска повреда со материјали наречени хемостатични агенси. Тие содржат фактори што предизвикуваат згрутчување на крвта, но процесот може да потрае неколку минути за да функционира и не секогаш функционира ако има премногу крв.

Но, новиот био-лепак може да ја залепи раната за 15 до 30 секунди, велат научниците. Во тестирањата спроведени кај стаорци и свињи, лепилото останало на место со недели, пред полека да почне да се разложува, како што ткивото почнало да заздравува. Но, ако е потребно, може да се отстрани порано со примена на раствор што ќе го раствори. Исто така, лепилото не предизвикува воспаление околу местото додека ткивото заздравува.

- Лепилото може да се обликува да тече и да одговара на секоја неправилна форма и да ја залепи. Ова им дава слобода на корисниците да ја прилагодат на секаков вид рани што крварат - вели Џингинџинг Ву, главниот автор на истражувањето.

Тајната состојка е она што природата веќе го усовршила. Познато е дека овој вид на школки цврсто се лепи за карпи, трупови на бродови и други цврсти површини кои очигледно се влажни и често се валкани.

skolki
Фото: Wikipedia

- Многу е интересно бидејќи за да се затвори ткивото што крвари, хирурзите се борат не само со влажноста, туку и со контаминација од крвта што излегува. Откривме дека ова суштество што живее во морска средина го прави истото што ние треба да го направиме за да се справиме со комплицираните проблеми со крварењето - вели Хјунву Јук, еден од авторите на истраувањето.

Овие школки лачат две различни течности за да се залепат. Првата е масло што ја отфрла и поместува водата, овозможувајќи ѝ на втората течност-лепило базирано на протеин да си ја заврши работата.

За да го создаде овој материјал, тимот се обидувал да го создаде на претходни медицински лепила што ги развил. Во 2019 година тие создале двострана лента што може да ги замени конците при запечатување на рана или засек во орган или кожа. Овој пат тие замрзнале дел од нивниот материјал, го разложиле во мали честички, а потоа го ставиле во силиконско масло.

Ова го имало истиот ефект како и школките, бидејќи маслото ја поместува течноста, во овој случај крвта, од самата површина. Потоа микрочестичките можат да се поврзат и брзо да го залепат местото. При тестирањето, тимот открил дека нивното лепило функционира подобро од постоечките хемостатични агенси.

Тимот вели дека следните чекори вклучуваат тестирање на лепилото на поголеми рани. Долгорочно, тие велат дека тоа би можело да им овозможи на првите испитаници да го прекинат крварењето кај повредените пациенти или хирурзите полесно да го контролираат крварењето за време на процедурите.

Истражувањето е објавено во списанието „Нејчр бајомедикал енџениринг“.

Извор: Newatlas.com
Фото: MIT
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука