X
 15.09.2021 Живот

„Инстаграм“ знае дека е штетен за менталното здравје на младите, покажуваат тајни документи

Компанијата „Инстаграм“ знаела дека нејзината истоимена апликација прави тинејџерките да се чувствуваат полошо во врска со изгледот на нивното тело, покажуваат документи кои протекоа во јавноста. Дури 32 отсто од тинејџерките изјавиле дека кога се чувствувале лошо во врска со нивното тело, со користењето на „Инстаграм“ се чувствувале уште полошо, се вели во извештај виден од „Вол стрит џурнал“.

Споредувањето со другите на „Инстаграм“ го менува начинот на кој младите девојки гледаат на себе, според извештајот.

- Ги влошуваме проблемите со перцепцијата на телото кај секоја трета девојка - пишува во документите.


Фото: Pixabay

Според сознанијата на компанијата, тинејџерите го обвинуваат „Инстаграм“ и за зголемување на анксиозноста и депресијата. Документите покажуваат и дека 13 отсто од британските корисници и 6 отсто од американските корисници веруваат дека „Инстаграм“ е извор на суицидни мисли.

Сепак, апликацијата е една од најпопуларните кај младите бидејќи над 40 отсто од сите нејзини корисници се помлади од 22 години.

Податоците откриени во документите се од фокус-групи, онлајн-анкети и други истражувања спроведени во 2019, 2020 и 2021 г. Според истражувачите во „Фејсбук“, која ја поседува „Инстаграм“, многу проблеми се специфични за „Инстаграм“.


Фото: Pixabay

Споредувањето со другите е полошо на оваа апликација бидејќи другите апликации како „Тик-ток“ и „Снепчет“ повеќе се фокусираат на други аспекти, како филтри за лицето, во споредба со „Инстаграм“ која се фокусира на перцепцијата на телото и животниот стил.

Штетните ефекти на „Инстаграм“ не се забележуваат кај сите групи и за повеќето тинејџери - поврзаноста со пријателите го надминува негативното споредување со другите што го наметнува апликацијата. Сепак, истражувачите откриле дека тинејџерите сакале помалку да ја користат апликацијата, но не успевале бидејќи чувствувале дека треба да бидат во тек и чувствувале зависност.

Извор: The Independent

Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот