X
 15.11.2017 Наука

Остеопорозата и аерозагадувањето

Изложеноста на аерозагадувањето е поврзана со остеопороза – губење на минералната густина на коските и ризик од фрактура на коските. Ова го тврди нова студија сработена од истражувачите од школата за јавно здравје при Универзитетот „Колумбија“.

Истражувачите се првите што ја документирале високата стапка на болнички случаи за фрактура на коските во средини со зголемено ниво на амбиентални честички кои се дел од аерозагадувањето.

Откритијата покажале дека дури и малку зголемени концентрации на амбиенталните честички можат да доведат до фрактури на коските кај повозрасните. Луѓето што живеат во загадени средини имаат ниски нивоа на паратироидниот хормон, клучен хормон за калциум и поврзаност со коските, како и поголемо намалување на коскената густина отколку оние лица што живеат во средина со пониско ниво на амбиентални честички во воздухот.

Остеопорозата е болест при која коските ослабуваат и се кршливи, па телото губи повеќе коскена маса отколку што може да создаде. Докажано е дека амбиенталните честички влијаат врз дишните патишта, односно предизвикуваат систематско кислородно оштетување и воспаление кое може да го забрза процесот на губење на коскената маса, особено кај постарите, тврдат експертите.

Во други студии, објавени порано оваа година, се вели дека витаминот Б може да ги намали ефектите од аерозагадувањето. Не е јасно дали придобивките од витаминот Б се прошируваат и на губењето на коскената маса. Сепак, експертите тврдат дека најдобриот начин за превенција од загадувањето на воздухот и болестите што тоа ги носи е спроведување политики за подобрување на квалитетот на воздухот.
Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука