X
 15.11.2021 Наша тема

Алумни клуб на УКЛО - впечатоци од Наќе Чулев, алумнист на Факултетот за безбедност - Скопје, Агенција за разузнавање

Ми претставува особена чест и задоволство да се обратам и да дадам свое видување за иницијативата за основање на УКЛО Алумни клуб.

Најпрво, сакам да го споделам со вас чувството дека иако поминаа толку многу години од моите студии и дипломирање, сепак, сѐ уште имам свежи сеќавања од моите први студентски денови. Поминаа 26 години, а како да беше вчера кога заедно со моите колеги студенти се дружевме и вложувавме голем труд за полагање на испитите, мечтаевме за нашите кариери и ги озборувавме строгите, но праведни професори кои во најголем дел вложуваа напор да ни всадат знаење, но и да нѐ направат подобри личности. Вечно ќе останат врежани во мојата меморија животот во студентскиот дом, кантината, па дури и мирисот на кравите, кој им е добро познат на сите сегашни и поранешни студенти што студирале на Факултетот на безбедност, со оглед дека бев сместен во Центарот за обука на кадри од областа на безбедноста во Колонија-Идризово, и безброј други позитивни настани на кои сега со носталгија се сеќавам. Дел од тие студентски дружби подоцна се преточија и во професионална соработка и партнерства и животни пријателства кои и понатаму продолжуваат.

За квалитетот на образованието на Факултетот за безбедност, сведочи и фактот дека во најголем дел највисоките раководни позиции во безбедно-разузнавачката заедница ги држеле алумнисти од Факултетот за безбедност. Од овие причини, сметам и за тоа силно се залагам, безбедносните институции да склучат обврзувачки договори со Факултетот за безбедност, но и со други членки на Универзитетот чија научно-наставна дејност е компатибилна со безбедносната област, за понуда на вработување на најдобрите десетина студенти во сите државни институции од безбедносно-разузнавачката заедница.

alumni

Во овој контекст, денешниот ден е од голема важност и е во насока на градење една многу моќна, ефикасна и функционална алатка и механизам со кој Универзитетот „Свети Климент Охридски“ уште повеќе ќе се профилира на мапата на универзитети кои ги следат модерните трендови и текови во образованието. Создавање силна и ефикасна алумни-организација е од круцијално значење за успехот на Универзитетот.

Тоа е причината што како алумнист на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ силно ги поздравувам ентузијазмот и инпутот на иницијативниот тим за основање на УКЛО Алумни клуб, вклучително и манифестираниот интерес и поддршка на алумните на оваа иницијатива и манифестираната волја да одвојат време и да партиципираат во активностите. Ние како алумни мора да бидеме верни поддржувачи и пример за студентите.

Имено, успехот на еден универзитет се мери со придонесот на неговите алумни за напредокот на општеството. Оттука, иницијативата за основање на УКЛО Алумни клуб е од голема релевантност за одржување силни и функционални врски помеѓу членовите на универзитетот и дипломираните студенти кои се веќе етаблирани во општеството, а некои од нив и држат клучни и влијателни позиции во економската, политичката, научната, културната и другите сфери на живеењето. Исто така, УКЛО Алумни клуб е од голема релевантност и за одржување силни и функционални врски меѓу актуелните студенти, алумните и Универзитетот и со граѓанското општество и бизнис-заедницата. УКЛО Алумни клубот треба да прерасне во организациска контакт-точка за информирање со новостите на дипломираните студенти и нивно инволвирање во поддршка на активностите и напредокот на нивната матична образовна институција, креирање и ажурирање на дата-база на податоци за алумните и други корисни податоци, организирање настани, проекти, стипендирање, вработување, градење кариера итн.

Мрежата што ќе ја изгради Алумни клубот ќе придонесе за подобрување на имиџот и промоција на Универзитетот во земјата и странство со оглед дека алумните се негови моќни амбасадори. Алумни организацијата ќе ја зацврсти лојалноста, односно ќе создаде и ќе го засили чувството на припадност и заедништво меѓу сегашните и поранешните студенти и ќе го поддржи напредокот на Универзитетот и неговите цели.

Имајќи ги предвид досега манифестираната енергија и ентузијазмот, уверен сум дека со заеднички сили и напори ќе создадеме голема, моќна и респектабилна алумни-асоцијација која ефикасно ќе ја остварува својата мисија на поврзување, комуникација и соработка меѓу Универзитетот, алумните и општествената заедница.

Нека ни е честит и вековит УКЛО Алумни клубот!

(Комерцијална објава)

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема