X
 15.11.2021 Наука

Зошто стануваме сѐ повисоки и дали луѓето ќе продолжат да растат?

Во текот на 20 век просечната висина во Обединетото Кралство се зголемила за десет сантиметри, додека во некои земји висината се зголемила за речиси 20.

Во Јужна Кореја, на пример, висината на возрасните луѓе се зголемила откако земјата се трансформирала од сиромашна во развиена. Но, во делови од Јужна Азија и од Африка луѓето се само малку повисоки за разлика од пред сто години.

Сигналите од храната допираат до хипоталамусот, му „кажуваат“ за нутритивното здравје на телото и поттикнуваат раст.

На оваа тема било направено и истражување предводено од истражувачи од Универзитетот „Кембриџ“, во соработка со тимови од неколку други универзитети.

Истражувањето било објавено во списанието „Нејчр“ и го открило мозочниот рецептор заслужен за напредок во развојот. Мозочниот рецептор е наречен MC3R и претставува клучна врска помеѓу храната, половиот развој и растот.

- MC3R му порачува на телото дека ни е добро, дека имаме многу храна и дека би требало побрзо да расте, да влезе во пубертет и да направи многу деца - истакна професорот сер Стефан О'Рајли, автор на спроведеното истражување.

Научниците додаваат дека кај луѓето со понизок раст, кои во пубертет влегле подоцна од другите, мозочните рецептори не работат како кај остатокот од населението.

Тимот го истражил генскиот систем на половина милион волонтери за да ја потврди хипотезата на истражувањето. Открил дека децата што имале генски мутации кои би можеле да ја попречуваат работата на мозочните рецептори биле пониски и потешки од другите деца, што го покажало ефектот на мозочните рецептори во раната фаза од животот.

За да го потврди истражувањето, истражувачкиот тим проучувал глувци за да го утврди истиот процес како кај луѓето.

Истакнале дека откритието може да им помогне на децата со сериозно доцнење во растот и пубертетот, но и на оние што поради хроничните болести стануваат послаби и кои би требало повторно да изградат мускули.

- Со идните студии би требало да се истражи дали можат лекови кои селективно го активираат MC3R да помогнат во пренасочување на калориите во мускулите - истакнува О'Рајли.

Научниците досега го идентификувале мозочниот рецептор кој го контролира апетитот, наречен MC4R, а на оние на кои им недостига најчесто се дебели.

Дали луѓето ќе продолжат да растат?

Постои горна граница на висина и се достигнува кога луѓето ќе го остварат својот генски потенцијал.

Како што и порано е истакнато, факторите како здравјето и исхраната имаат огромно влијание врз развојот на лицето. Кога децата од сиромашните фамилии добиваат доволно храна и калории, можат да растат до висина која ја наследуваат од своите родители, баби и дедовци, но не повеќе од тоа.

Покрај растот на просечната висина во развиените земји, раст бележат Јужна Кореја и Иран, особено кај жените. Сепак, податоците за растот во последните десет години покажуваат дека луѓето веќе не растат како порано.

Извор: National Geographic
Насловна фотографија: Unsplash
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука