X
 15.12.2018 Технологија

„Епл“ гради нов кампус за уште 15.000 вработени

Технолошкиот гигант „Епл“ вложува милијарда долари во изградба на нов кампус во Тексас, во рамките на планот во следните пет години да вработи 20.000 луѓе во САД.

Новиот кампус ќе биде оддалечен околу еден километар од постојниот во Остин, кој моментално е дом за 6.200 вработени и е најголемиот кампус на компанијата по седиштето во Купертин во Калифорнија.

Со ова „Епл“ ќе стане најголемиот работодавец во тој тексашки град. Имено, во новиот кампус се планира да се вработат 5.000 луѓе, а неговите капацитети ќе бидат доволни со текот на времето да прими уште десет илјади.

Исто така, технолошкиот гигант во идните три години планира да отвори нови канцеларии во Сиетл, Сан Диего и во Калвер Сити, а сите ќе имаат по повеќе од илјада вработени. Стотици нови работни места се планираат и во постојните канцеларии во САД.

Инаку, „Епл“ во јануари оваа година најави дека ќе инвестира 30 милијарди долари во својата американска инфраструктура и ќе отвори 20.000 нови работни места во Америка. Засега тврдат дека се на добар пат, а само оваа година вработија 6.000 луѓе. Моментално во САД тие вработуваат вкупно 90.000 луѓе.

Дополнително, „Епл“ планира во идните пет години да инвестира 10 милијарди долари во центри за бази на податоци.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија