X
 15.12.2018 Образование

Тетовските студенти најавуваат протести за вторник, имаат 14 барања

Инспирирани од студентските протести во Албанија, студентите од Тетово решија да го кренат својот глас. Во четвртокот во Тетово, по многу интензивни средби и разговори, главно со студенти, но и со граѓани, беше основана Иницијативната група за организација на студентски протести. Групата состави и барања, за чија реализација ќе се протестира. Почетокот на протестите е најавен за вторник, 18 декември, во 12:30 часот. Збирното место е градскиот плоштад во Тетово, од каде што студентите планираат да ја започнат својата борба.

Како што се наведува во најавата за протестот, објавена во рамките на направениот настан на „Фејсбук“ со наслов „Протестирај со студентите!!!“ (Protesto me Studentët!!!), студентите од градот под Шара не планираат да бидат во зимски сон. Тие во најавата, меѓу другото, повикуваат на напуштање на предавањата и протест за иднината, како на сегашните студенти така и за иднината на децата.

Во своето известување објавено на страницата на „Фејсбук“ наречена „Револтирани студенти“ (Studentët e Revoltuar) тетовските студенти наведуваат дека барањата се упатени кон Министерството за образование, раководствата на универзитетите и власта.

Под фотографија на која пишува „Ние сакаме молив и тетратка, не сакаме насилство“, наведени се 14. барања на студентите, кои ви ги пренесуваме интегрално.

1. Прекин на условувањата за купување книги за потпис од страна на професорите;

2. Субвенционирање или отстранување на плаќањето на 8-неделната пракса од страна на универзитетот (50 евра);

3. Субвенционирање на плаќањето на професионалната екскурзија или нејзино отстранување како задолжителен предмет;

4. Намалување на тарифата за странските студенти (50%);

5. Објавување на статутот на универзитетот и извештајот за евалуација кој студентите го прават за професорите да биде на страницата на универзитетот;

6. Подобрување на основните услови во лабораториите и предавалните;

7. Прегледување на академските титули и верификација на плагијатурите;

8. Ревизија на земањето академски титули на секој професор на раководна позиција. Дали бил почитуван законот, времето кое треба да помине од една титула до друга и научните трудови на приватните и државните универзитети?

9. Департизација на универзитетот (отстранување на политичките партии од универзитетите);

10. Кој е статусот на Студентскиот парламент? Дали тој функционира како независна организација или е под ингеренции на универзитетот?

11. Годишните плаќања од страна на студентите за студентските сојузи, колку од тие средства во една година им се враќаат на студентите?!

12. Исто однесување од страна на професорите кон сите студенти, независно од роднинските (пријателските, фамилијарните) врски;

13. Отстранување на професорите што се осудени со судска пресуда за некое кривично дело;

14. Ставање крај на дискриминацијата на жените и нивното условување со безобразни акти во замена за оценка.



Тетовски студенти за Факултети.мк истакнаа дека би било убаво барањата да се објават и на македонски, па можеби ќе им се придружат и студентите Македонци, доколку и тие се соочуваат со исти проблеми.

Имињата на главните организатори на најавените протести засега се непознати.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование