X
 15.12.2022 Образование

Во Србија суспендиран професор по математика обвинет дека е престрог и ги малтретира децата, тој се брани дека е „убиец на незнаењето“

Јован Кнежевиќ, професор по математика во Шестата белградска гимназија, беше суспендиран од работното место и против него е покрената дисциплинска постапка поради основано сомнение дека ја прекршил забраната за насилство, злоупотреба и занемарување, пишува во решението потпишано од директорот на училиштето, Радисав Милиќ.

Повод за реакцијата на директорот беше петицијата на 27 родители на учениците од II-2 кои побарале смена на професорот по математика жалејќи се на начинот на работа на Кнежевиќ, како и на неговото „недолично однесување“ кон учениците на час, во кое се наведува дека тој ги нарекува учениците глупави, дека се глупираат и џагорат, однапред велејќи им дека сите ќе добијат единици и сето тоа со непријатен тон и викање.

Родителите се жалат и поради несоодветните, тешки и обемни задачи на контролните задачи, особено кога станува збор за повторениот тест каде што просечната оценка е 1,00 и каде што задачите биле потешки од првиот тест, наведувајќи дека задачите во II-2 се потешки отколку во II-1 и дека 50 отсто од учењето е учење математика.

Во образложението на одлуката за суспензијата на Кнежевиќ пишува и дека професорот им се заканувал на учениците дека ќе им зададе претешка контролна задача, дека нема да мора ни да ги прегледа тестовите бидејќи нема да знаат да ги решат задачите, и дека ќе ги падне сите бидејќи оди во пензија, па нема да мора да ги испитува на поправен испит во август.

Учениците се жалеле и дека професорот по ѕвонењето на ѕвончето, на почетокот на одморот, не им дозволувал на учениците да одат да купат за јадење или да одат во тоалет, но и дека ги навредувал учениците кои добивале тројка или четворка, велејќи им дека препишувале, учеле напамет, случајно го добиле резултатот, и дека на наредната контролна задача ќе добиеле единица, со што тој ќе им докаже дека не знаат ништо.

Поради сето ова, родителите се пожалиле дека учениците на часовите по математика оделе под стрес, дека доживувале психичко малтретирање, па се плашеле дека ваквото однесување на професорот ќе прерасне во порадикална злоупотреба.

Во решението што го добил Кнежевиќ не било прецизно наведено кога и кому биле упатени наводните навреди, туку било наведено дека сѐ започнало оваа учебна година, кога професорот почнал да предава во класот.

Кнежевиќ: Никој се немаше пожалено

Во интервју за српски „Данас“, професорот Кнежевиќ посочува дека од почетокот на учебната година никој, ниту родители ниту деца, не му се пожалиле за наводниот нефер однос и дека на отворениот ден во училиштето дошол само еден родител, но тој зборувал за задачите по математика.

На прашањето дали навистина упатувал навредливи коментари до учениците, Кнежевиќ одговара со контрапрашање.

profesor
Фото: Screenshot/YouTube

- Дали мислите дека навредувам некого во последната година пред пензија? Да навредев некого, немаше да преживеам во ова училиште сите овие години. Единствено на што инсистирам е да им објаснам на децата што си прават себеси, дека тоа што сега не учат и ако на лош начин ги искористат тие четири години средно, ќе ги боли цел живот, ќе ја изгубат можноста да изберат факултет, работно место, само затоа што некој им објаснил дека се заштитени како поларни мечки и дека не треба ништо да прават и дека ќе помине учебната година - вели Кнежевиќ.

Иако Форумот на белградските гимназии го поврза неговото суспендирање со неодамнешниот протест на просветните работници (Кнежевиќ е претседател на синдикатот во Шестата гимназија), тој вели дека членовите на синдикатот не учествувале во прекинот на работата и дека се повлекле знаејќи каков е директорот. Сепак, по часовите, тие присуствуваа на протестот одржан во Белград.

Кнежевиќ вели дека сето ова би се случило без оглед на штрајкот.

- На сите родители и на сите деца им дадовме право да можат да прават што сакаат и без никакво ограничување да обвинуваат и притоа сето она што го кажуваат да се смета за вистина, а сето она што ние го кажуваме да нема врска со реалноста. И сега, тие максимално го користат на најлош можен начин - истакнува Кнежевиќ.

Како одговор на коментарот дека ова не е првпат да биде суспендиран поради критики дека строго оценува, професорот вели дека тоа е спакувано со тврдењата дека ги навредувал учениците и повторува дека никој не дошол кај него и истакнува дека не навредил ниту еден ученик.

- Никогаш никому не сум му се заканил, а уште од почетоците како наставник на ниту еден ученик не сум му напишал единица кога станува збор за усна оценка. На усното тестирање можеш да добиеш само повисока оценка од онаа што ја имаш. Кога ќе го станам детето на табла, а не знае како да ја заврши задачата, му покажувам, му објаснувам зошто не е добро да не ја направи. Но, дојдоа времиња кога родителите немаат време за децата. Полесно им е да кажат дека детето е во право и така да ја завршат работата. Ако сакате да направите нешто со вашето дете, треба да потрошите време. Денес времето е најскапото нешто на светот, никој веќе нема време за никого - истакнува Кнежевиќ.

Во Шестата гимназија работи од 1986 година и вели дека отсекогаш предавал трипати повеќе дополнителна настава отколку што требало. Своите ученици ги подготвувал за приемните испити бесплатно и напоменува дека секогаш работел со намера да им помогне на учениците.

- И на овој час држев дополнителна настава. Не казнив никого што не дојде, а се појавуваа од еден до пет-шест ученици - истакнува Кнежевиќ.

На прашањето дали во тој клас оценките по математика се пониски од оценките на учениците во другите класови и дали тоа е причината за незадоволството на учениците и родителите, тој вели дека оценките секаде се ниски, но дека секогаш бил подготвен да ги брани.

- На секој директор што во нашето училиште му велев: ако мислиш дека работам лошо, најди ми некој во Шеста гимназија или друго училиште што работи добро, и ветувам дека ќе одам таму барем еден месец да фаќам белешки и да пишувам извештаи што сум научил на тој час и што мислам дека не е добро. Ниту еден директор никогаш не ми рекол, важи: ќе најдам и ќе одиш некаде - вели Кнежевиќ.

За оценките, вели дека се во согласност со тоа колку се трудат учениците и какво знаење имаат.

На прашањето дали е тешко да се добие петка кај него, тој одговори дека секогаш има ученици со одлични оценки.

Дали се чувствува како „Јоце убиецот“, како што многу генерации ученици го паметат?


- Оние што мислат дека добро си ја работам работата велат дека сум убиец, но убиец на незнаењето. Имам многу ученици кои денес се во Америка и Европа и сите постигнале нешто, никој не отишол таму полуписмен. Тој што „бркаше“ четворка-петка кај мене, не докторираше освен ако не сакаше. И децата кои чесно добиваат двојки, без проблем се запишуваат на технички факултети. Секогаш се трудев сите мои ученици, без разлика дали доаѓаат од Балканот, да бидат прва лига - вели Кнежевиќ.

На прашањето дали навистина им забранува на децата да одат на одмор, вели дека не е точно.

- Апсолутно е непристојно додека ја завршувате задачата или реченицата, а ѕвончето ќе ѕвони за крај на часот, ученикот во таа секунда да стане и да излезе надвор. Јас им реков: деца, кога ќе добиете петки и четворки, бидете сигурни дека нема да ве прашам дали сакате да присуствувате на часот. Ако можете да го направите ова без мене, јас сум исклучително задоволен. Не дојдовте овде ниту да ме навредувате, ниту да ме пофалите, туку да научите нешто, а ако знаете, сигурно нема да ви направам проблем да станете и да речете дека сакате да прошетате 20 минути затоа што повеќе не сакате да ме слушате - вели Кнежевиќ.

Директорот на Шестата гимназија: Жалба за психичко малтретирање на децата

Директорот на училиштето, Радисав Милиќ, во писмена изјава за „Данас“ потврдува дека на 28 ноември, 27 родители од II-2 поднеле барање професорот Јован Кнежевиќ повеќе да не им предава наведувајќи цела низа проблеми со оценувањето.

Она што ја предизвикало неговата реакција и поведување дисциплинска постапка, а воедно и суспензија на професорот, е тоа што родителите се изјасниле и со барање за спречување на натамошна „ментална злоупотреба“ на нивните деца.

- Тимот за заштита на учениците од дискриминација, насилство, злоупотреба и занемарување, на седницата на 30 ноември ги анализираше изјавите на родителите, како и изјавите на професорот од неговата изјава што ја дал и во која ги негира тврдењата од петицијата на родителите, па констатира дека наведените реченици на професорот, доколку се изговорени, укажуваат на постоење на психичко насилство - закани, навреди, неправедно казнување и ограничување на движењето на учениците. Тимот заклучи и дека цитираните реченици на Кнежевиќ од приложената петиција опфаќаат прво, второ и трето ниво на психичко насилство согласно Правилникот за протокол на однесување во институцијата како одговор на насилство, злоупотреба и занемарување - вели директорот.

Тој додава дека Стручниот совет на математичари ги разгледал задачите од повторената писмена вежба и утврдил дека повторената писмена вежба содржи задачи кои не можат да се завршат за 45 минути, како и дека се потешки од задачите на првата писмена вежба каде што повеќе од 50 отсто од учениците добиле единица и дека професорот Кнежевиќ го прекршил Правилникот за оценување во членовите 3, 4 и 5.

- На иницијатива на директорот и одделенскиот раководител веднаш беше закажана вонредна родителска средба на која присуствуваа родителите потписници на петицијата, училишниот педагог и професорот Јован Кнежевиќ. Родителите ги повторија сите изјави од петицијата пред професорот, инсистирајќи дека нивните деца повеќе не смеат да трпат психичко насилство. Поради основано сомнение дека ја прекршил забраната за насилство, злоупотреба и занемарување од член 111 став 1, 3 и 7 од Законот за основите на системот за образование и обука, јас како директор согласно законската обврска на ова веднаш да се реагира, донесов заклучок за поведување дисциплинска постапка и решение за отстранување од работа до завршување на дисциплинската постапка, во која ќе се утврди вистинитоста на обвиненијата и соодветно ќе се донесе одлука - вели Милиќ.

Еден од родителите на потписниците на петицијата се јавил во редакцијата на „Данас“ и го потврдил целиот случај.

Претходно, Форумот на белградските гимназии побара реакција од министерот за образование и директорот на Шестата гимназија веднаш да ја прекинат постапката, да ја повлечат суспензијата и да му дозволат на Кнежевиќ да се врати на работа.

Извор: Danas.rs
Фото: Printscreen/Google Maps
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование