X
 04.01.2016 Образование

Жаклина Кајтази, македонска наставничка во Majaми - Во Америка е дозволено родителите да бидат наставници

Откако „Факултети.мк" објави текст за домашното образование како опција, стапивме во контакт со Жаклина Кајтази, Македонка која од 2009-та година работи во училиште за деца од три до петгодишна возраст во Мајами, Флорида. Таа за нашиот портал oбјаснува како таму функционира образовниот систем, вклучително и образованието на децата во домашни услови.



Родителите се наставниците


- Во нашето училиште има посебен дел кој е за домашно образование. Социјални работници два пати месечно ги посетуваат семејствата и им носат материјали за работа. Секоја држава во САД има свои закони кога станува збор за домашното образование, а во Флорида родителот може сам да одлучи дали ќе го школува своето дете дома. Училиштата ги снабдуваат семејствата со материјали, тестови и книги, а детето по извесно време се тестира. Родителот не мора да има педагошко образование за да може дома да го учи своето дете, ниту да има посетувано некакви обуки. За т.н. Homeschooling овде во Америка се одлучуваат родители кои имаат деца со хендикеп, кои живеат на голема оддалеченост од најблиското училиште, поради здравствени или религиозни причини, поради исклученост заради големи врнежи од снег и слично - вели Кајтази.

Статистиката вели дека во САД, речиси два милиони ученици се образоваат дома, што е 3,4 отсто од вкупната ученичка популација. Бројот на деца чии родители го избрале овој начин на образование расте во континуитет. Оваа можност се избира затоа што во државното образование има премногу ученици, а приватното е скапо, па изборот паѓа надомашно образование кое е некаква средина во однос на трошоците и условите.

Нема усно испрашување зошто се внимава на стравот кај учениците


Ако се направи споредба, како што вели наставничката Кајтази, американските ученици генерално се порекалсирани одошто учениците во Македонија кога станува збор за образовниот систем.

- Овде децата немаат усно испрашување како што има во Македонија. Се` се полага преку тестови. Многу се грижат овдешните образовни власти за стравот, за притисокот кој го има детето кога одговара усно. Од страв може да се случи да го заборави наученото, па наставникот тогаш не може да процени какво реално е неговото знаење - додава наставничката.

Пред да се појде на училиште мора да се знаат неколку работи


Во установата за предучилиштно образование во кое што таа работи, откако ќе завршат, децата треба да го имаат совладано следново: да знаат најмалку 10 букви, да имаат познавање на 50 броеви, собирање и одземање математика од еден до 10, пишување реченица со три зборови. Секое дете треба да знае неколку базични геометриски форми, потоа поими како на пример што е горе, долу, лево, десно.

Инаку кога станува збор за домашното образование, во многу држави во светот образованието во домашни услови е легално. Тоа е случај во Австрија, Велика Британија, Ирска, Норвешка, Германија, Полска, Романија, Словенија, Франција, Украина, Холандија, па и во Црна Гора. Нашиот образовен систем засега не дозволува образование во домашни услови. Експертите предупредуваат дека ако има расположение за такво нешто, мора тоа внимателно да се изведе.


Антонија Поповска-Христов
antonija@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование