X
 05.01.2016 Живот

Падови, страст и разбирање на слабостите - Што делат најуспешните луѓе денес?

Џулијан Зоу Сегал е автор кој за својата најнова книга „Getting there: A book of mentors“ потрошил 5 години разговарајќи со некои од најуспешните луѓе денес: Ворен Бафет, Мајкл Блумберг, Андерсон Купер, Сара Блејкли, Џеф Кунс итн. Во статија на „Линкедин“, тој објавува неколку работи кои ги обединуваат сите овие успешни луѓе.


Тие го разбираат нивниот „круг на компетентност“

Ворен Бафет вели дека е најбитно да се разберат сопствените слаби и лоши страни. Во разговорот со Сегал, Бафет вели дека неговиот мозок „не е за генерални цели кој работи одлично во сите ситуации. Има работи во кои не сум воопшто добар и има секакви видови можности за инвестирање кои не можам да ги разберам.“

Тие ја негуваат нивната страст

Патот до успехот сигурно нема да биде лесен, но доколку го сакате тоа што го работите ќе го постигнете најдоброто. Соговорниците на Сегал се согласуваат дека доколку „правите нешто поради парите или бидејќи мислите дека така треба, веројатно нема да заврши добро“. Ханс Зимер, композитор, за книгата на Сегал открил дека секогаш кога му треба легален или медицински совет своите проблеми ги кажува на целиот оркестар бидејќи половина се доктори, а половина адвокати чии родители ги принудиле да го работат тоа.

Нивните кариери се променливи

Соговорниците на Сегал докажуваат дека не мора да се има точно испланиран пат во кариерата. Но, битно е да се отворат очите за новите можности и да се биде отворен за промени.


Тие си создаваат можности

Никој од соговорниците на Сегал не чекал некој да го препознае нивниот талент и да им понуди работа. На пример, Андерсон Купер сакал да биде репортер од странство но не можел да најде ниту почетна работа во некоја од поголемите новинарски агенции. Тој сфатил дека мора да направи нешто драстично за да ја промени перцепцијата на другите за него. Тој позајмил камера и заминал во странство за самиот да снима приказни. Тој ги продал видеата за многу ниска цена за да не биде одбиен, а ова му донело понуда за работа од соништата.

Тие не ги следат другите слепо

Успешните луѓе размислуваат самите и разбираат дека само бидејќи нешто било сторено на еден начин не значи дека тоа е најдобриот начин. Доколку не прашувате, не добивате.

Тие не дозволуваат стравот од неуспех да ги спречи

Пробувањето нови работи во животот е битно за развојот и доколку не се преземаат ризици не се стигнува никаде, заклучува Сегал. Неуспесите се само дел од процесот.

„Доколку не сте паднале, значи дека не се трудите доволно“, вели Кејти Ајрленд.


Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот