X
 11.01.2016 Образование

Српскиот синдикат бара поголеми плати за наставниците, кај нас за такво нешто се чекаат подобри времиња



Српскиот синдикат на вработените во просвета соопшти дека претставници на четири репрезентативни синдикати, на состанок со реосрниот министер побарале поголеми плати и плус исплата на еднократна помош за месец јануари. Синдикалците бараат итно да започне да се решава положбата на вработените во образованието.

За разлика оттаму, кај нас прашањето за поголеми плати на наставниците не се разгледува. Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) на последниот штрајк бараше повисоки плати за наставниците за 25 отсто, но со надлежните беше договорено ова барање да се одложи и да се разгледува во иднина. Членови на СОНК кои не го поддржаа последниот штрајк, велеа дека барањето од зголемување на платите за 25 отсто е нереално. Наставници тогаш изјавуваа дека нема наставник кој не сака повисока плата за цела една четвртина, но дека тоа барање е нереално, поради што бараа одложување на штрајкот, кој сепак се одржа.

Синдикалците штрајкуваа пред точно една година. Успеаа да издејствуваат поголеми плати за вработените во градинките, како и да се укинат казните и наградите од екстерното тестирање. Пред еден месец на конгрес повторно беше избран Јаким Неделков за прв човек на СОНК, кој ќе раководи со организацијата и во следните пет години. Дали ќе го актуелизира прашањето за повисоки плати, останува времето да покаже.

Платата на македонски одделенски наставник варира зависно од стажот и се движи околу 20.000 денари. Во изминатите десетина години неколкупати имаше покачувања на платите на просветниците - двапати од 10 отсто, еднаш пет отсто.

Наставниците велат дека со оглед на трошоците кои ги имаат, платата не им стасува и добро би било кога таа би била уште поголема.

- Има многу работи кои ние мора да ги имаме. Незамисливо е еден современ наставник да нема печатач дома, а со тоа нормално тука се и трошоците за хартија, за тонер. Даваме пари од свој џеб за фотокопирање тестови и други материјали. Исто така, сами набавуваме папки, манипулативи, материјали. Мора да го полниме портфолиото со документи и печатени фотографии. Тука се и доказите кои мора да ги имаме бидејќи се потребни за интерното оценување. За сето ова си плаќаме од платата - вели наставничка.
Подготвил: Антонија Поповска Христов / antonija@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование