X
 19.01.2016 Образование

Какви се денешните деца и какво е модерното детство?

 Вчера беше објавена книга за трендовите кои ќе го обликуваат образованието во 2016 година. Во неа, авторите фрлаат поглед кон големите социјални, демографски, економски и технолошки трендови кои влијаат на иднината на образованието.


Важен фокус се става на детето и детството. Децата на 21-от век на многу начини се побезбедни и позаштитени од децата од претходните генерации. Напредоците во медицината и построгите правила за безбедност, како што се заштитата при возење велосипед или користењето појаси во автомобилите, довеле до намалување на процентот на смртни случаи меѓу децата.

Родителите денес се постари и пообразовани, па играат и голема улога во нивното образование. Новите технологии им помагаат на родителите да се грижат за своите деца подобро.

Меѓутоа, истите тие нови технологии истовремено создаваат нови ризици (како интернет насилство) што може да влијаат на децата. Ова се новите стресови кои ги преживуваат децата денес.

Според извештај на ОЕЦД, децата во овој век почесто се единствени деца во семејството. Децата и адолесцентите денес почесто се под притисок од родителите да постигнат повеќе, поради што се под поголем стрес и спијат полошо.

Слободното време за игра се намалува, а постои и грижа за намалување на старите активности за играње (на пр. трчање надвор) и зголемено седење пред компјутер. Освен тоа, дебелината кај децата е почест проблем денес низ целиот свет.

Во книгата која го содржи извештајот на ОЕЦД се пишува и за порастот на нетрадиционалните семејства. Имено, сè повеќе ученици денес се дел од нетрадиционални семејства.

Најлошата промена во поглед на младината е сиромаштијата. Наместо кај постарите, таа е сè поприсутна кај најмладите во последните децении. Во 2013 година, младите имале 60% поголеми шанси да останат сиромашни од останатото население.


Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование