X
 29.01.2016 Образование

Студентски Пленум се против формирањето на новиот државен универзитет "Дамјан Груев"

По најавеното формирање на високообразовната институција „Мајка Тереза“, за која и натаму е нејасно дали ќе има интернационална или етничка компонента, а Одборот за акредитација даде зелено светло, по што во Собранието во итна постапка Владата го поднесе предлог-законот за формирање на универзитетот, се донесе одлука за отварање и на Универзитет за национална одбрана, безбедност и мир „Дамјан Груев“ во Скопје, во чии рамки ќе функционираат осум нови факултети.


Студентски Пленум излезе со свое видување на овој потег. Во целост ви ја пренесуваме изјавата од Студентскиот Пленум.



Студентскиот пленум силно се спротиставува на формирањето на уште еден, нов државен универзитет во Република Македонија. Основањето на универзитетот „Дамјан Груев“ уште еднаш ги расветлува намерите на власта на системско уништување на високото образование, како и негово претворање во алатка која ќе биде користена во сопствена полза.

Високото образование денес се соочува со сериозни проблеми. Законодавството создава регулаторен хаос од кој директно се тангирани студентите и професорите. Универзитетите се постојано мета на необсмислени „реформи“. Евидентен е и недостатокот на ресурси, соодветни простории,  литература и стручен кадар во извесни сфери. Студентите живеат во суб-човечки услови во студентските домови, а надвор од нив се соочуваат со депримирачкото секојдневие кое им го приредува македонската реалност. Автономијата на универзитетите , иако уставно начело, е сведена на „мртво слово на хартија“... А сепак, ова се само мал дел од вкупниот број проблеми кои би можеле да ги наброиме!

Оттаму, би сакале да ги запрашаме нашите власти, која е потребата од формирање на нов државен универзитет? Дали на ваков чекор претходи било каква анализа или одново се применуваат истите практики на брзоплето „реформирање“? Зошто јавноста не доби никакво објаснување околу скратената собраниска процедура која (и) овој пат се применува? Кои ќе бидат финансиските импликации од основањето на овој универзитет? Како тие ќе влијаат на финансиите на веќепостоечките универзитети? Со кои ресурси, пак, ќе се подобри студентскиот стандард?

Освен тоа, зошто пратениците од опозицијата на вчерашната седница на Собранието (27.01.2016) не го кренаа својот глас против основањето на универзитетот? Дали партиските превирања се од примарен интерес, па високото образование не е на агендата? Зошто се молчеше, иако во минатото се говореше за нужноста од подобрување на состојбите во високото образование?

Одново истакнуваме дека ние одбиваме да го предадеме високото образование во рацете на власта. Студентите се независни и силни, а нивниот глас ќе се спротистави на секој противуставен, необсмислен, избрзан и проблематичен рез во високо-образовната сфера!

 
Студентски Пленум

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование