X
 06.02.2016 Живот

Никој не знае кој е овој човек

Во една ќелија во затворот во Њујорк се наоѓа затвореник кој се разликува од сите останати по една работа. За разлика од останатите затвореници, никој не знае за кое лице се работи кога станува збор за овој затвореник.


„Постојат толку многу дезинформации за мене, што никој со сигурност не може да каже кој сум“, изјавува самиот тој за „Њујорк тајмс“.

Затвореникот се претставува како Џереми Вилсон и тврди дека има 42 години. Но, тој се претставува и како Џереми Кинан од Ирската републиканска армија и Џеремаја Асимов-Бекингем, авганистански воен ветеран, ранет во војна. Тој има уште неколку идентитети, меѓу кои и еден на професор и извршен директор на „Мајкрософт“.

Властите велат дека сè уште не знаат кој е затвореникот, но едно е сигурно: во прашање е професионален измамник и вешт фалсификатор. Неговото минато започнува од крајот на средното образование, кога започнал да краде идентитети. Тој бил уапсен уште како тинејџер поради тешка кражба.

Тој има роднина, Брајан Кларк, кој станал еден од неговите жртви. Тој изјавил дека Вилсон го украл неговиот број на социјално осигурување и го преземал неговиот идентитет, а набргу со вешто убедување добил и возачка дозвола и кредитна картичка.

Тој започнал да излегува со Миријам Вајсберг во 2006. Неа ѝ се претставил со ново име и ѝ рекол дека е поранешен војник кој служел во Авганистан. На крајот, Вилсон ја украл нејзината кредитна картичка и заминал во Канада, кадешто продолжил со кражбата на идентитети.



Вилсон бил во затвор и претходно и служел пет години за кражба на кредитна картичка, пред да избега. Бил фатен во 2007 година, но ослободен година подоцна. Во 2008 година бил уапсен повторно.

На новинарите им рекол дека не му е жал за кражбата на парите, но дека му е жал за луѓето кои ги издал.

„Луѓето се склони на тоа не само да им веруваат на другите, туку и да сакаат да им веруваат на другите. А тоа е дел од лошите работи кои сум им ги направил на другите, затоа што им го одземав тоа. Во тоа се крие злото што го направив. Станувам близок со луѓето кои не заслужуваат да бидат измамени“, изјавил тој.

Вилсон моментално чека судење, кадешто ќе треба да ја раскаже својата приказна уште еднаш. Кој знае која приказна ќе ја одбере овој пат.


Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот