X
 12.02.2016 Живот

Имам аутизам и ова се работите кои сакам родителите да ги знаат

Алекс Лоери има 21 година, а на 4 години добил дијагноза за класичен аутизам. Денес, 17 години подоцна, тој е посветен на подигнувањето на свеста за аутизмот, пишувањето блог и снимањето филмови. Тој е и автор на книги и мотивациски говорник. Вели дека по дијагнозата се нашол на страшно место кое и денес понекогаш го плаши. Му приоѓаат родители кои имаат деца со некакво пореметување и од него бараат совети, а тој тврди дека родителите не знаат многу за своите деца и за аутизмот. Ова се работите кои би сакал да им ги појасни:


Аутизмот не значи дека детето е изгубено

- Родителите на мали деца на кои им е дијагностициран класичен, тежок облик на аутизам често знаат да кажат дека аутизмот на нивните деца им го одземал разумот и душата, па зад себе оставил само празно тело. Сакам да им помогнам на сите родители да сфатат дека разумот на нивното дете сè уште е таму - вели Алекс, кој за себе вели дека на 4 години говорел на сопствен јазик, но не ги разбирал другите и начинот на кој тие зборувале бил застрашувачки за него.

Ако децата не зборуваат, не значи дека не можат да мислат

Некои деца со аутизам учат да зборуваат, а некои едноставно не можат. Но, тоа не значи дека немаат што да кажат. Важно е родителите да не се откажат од комуникацијата со своето дете.

- Има деца со аутизам кои не се способни да зборуваат, но на тастатурата од компјутерот покажуваат исклучителна интелигенција - истакнува тој.

Не можете да ја предвидите иднината

Повеќето родители, кога на нивното дете ќе им биде дијагностициран аутизам, мислат дека сите соништа им се уништени. Започнуваат да зборуваат дека детето никогаш нема да им биде самостојно, независно, нема да студира или да се вработи. Алекс им порачува на тие родители дека ниту една иднина не е запишана на камен. Доколку се борат за своето дете и му обезбедат вистинска и правилна поддршка, резултатите може да ги зачудат.

Луѓето со потешкотии не треба да се ограничуваат

- Родителите на децата не само со аутизам, туку и други потешкотии имаат тенденција да ги прават работите место нив, наместо да ги учат тие работи да ги прават сами - вели Алекс.

Тој додава дека сите не се способни за самостојност, но треба да им се дозволи да го покажат максимумот, без разлика колкав е тој.

Луѓето со аутизам не престануваат да напредуваат во одредени години

Многу луѓе сметаат дека аутистите на 16 години го досегнуваат својот врв. Тоа не е точно, тврди Алекс, кој вели дека аутистите учат и како возрасни и дека и тогаш се способни за напредок. Некои од нив учат цел живот без пауза.


Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот