X
 18.02.2016 Економија

Банките во Македонија нудат кредити за школување, но никој не ги зема



Граѓаните за оваа намена многу повеќе бараат ненаменски кредити иако каматните стапки се речиси исти со тие за наменскиот заем за школување.

Студирањето на некој од домашните или странски универзитет, последипломски и докторски студии, па дури и средно образование во некоја од приватните школи во земјава, може да се финансира и со кредит. Речиси сите комерцијални банки во Македонија нудат наменски кредити за школување. Понудата е најразлична, почнувајќи од максималната одобрена сума, рокот на отплата и каматните стапки. Но, ретко кој од граѓаните аплицира за ваков кредит.

Според понудите на банките за кредитите за школување, сумите кои можат да се добијат по овој основ се движат од 3.500 до 5.000 евра. Мал дел од банките нудат максимален износ и поголем од 5.000 евра, но тоа зависи од кредитната способност на барателот на кредит. Големи варијации има и во каматните стапки за овој вид кредити. Најниската е 6,75 отсто, додека највисоката каматна стапка е 11,25 отсто. Врз висината на каматата, како и кај другите кредити, влијаат рокот на отплата, висината на бараниот кредит, дали барателот ја прима платата преку конкретната банка и сл.

Со оглед на тоа дека повеќето студенти не се во редовен работен однос за време на студиите, како баратели на овој кредит банките ги наведуваат членовите на потесното семејство на ученикот или студентот кои се вработени или пак се пензионери. Дел од банките дополнително бараат и жиранти, некои даваат можност во кредитот да се вклучат едно или две лица како кокредитобаратели, а има и такви кои воопшто не бараат жиранти, ниту пак дозволуваат кокредитобаратели. Бидејќи станува збор за наменски кредит, парите што ќе ги одобри банката прво се префрлаат на сметката на барателот, од каде што автоматски се префрлаат на сметка на образовната институција во која треба да се плати школарината.

Од банките велат дека и покрај тоа што веќе неколку години ги нудат кредитите за школување, интересот на граѓаните е многу мал. Граѓаните за оваа намена многу повеќе бараат ненаменски кредити иако каматните стапки се речиси исти со тие за наменскиот за школување.

НЛБ Тутунска банка нуди студентски кредит од 2011 година, наменет за покривање на партиципацијата за студирање. Покрај овој кредит, банката нуди и кредити за финансирање на туристичката програма “Work and Travel”, преку која студентите од земјава можат да отидат на времена платена работа во странство.

- Побарувачката на овој тип кредити има исклучиво периодичен карактер и истата се зголемува на почетокот на студентската година при уписите на факулететите. Имајќи предвид дека се работи за строго наменски кредит, а и специфичноста на намената, фреквенцијата на барања за ваков тип на кредит не учествувa во значителен процент во портфолиото на кредити на банката - велат од НЛБ Тутунска банка.

И во Комерцијална банка овој кредит се нуди како производ од поодамна. Но и оттаму потврдуваат дека интересот е слаб.

- Конкретно за овој производ , нема значителен раст на интересот кај клиентите. Вообичаено се аплицира за готовинските ненаменски кредити кои имаат поволни каматни стапки, а со истите клиентите може да задоволат повеќе потреби, вклучително и трошоците за школување - велат од Комерцијална банка.

Во Стопанска банка АД Битола објаснуваат дека разликата кај кредитот за школување и кај ненаменските кредити е единствено во висината на провизијата за одобрување. Односно, наменскиот кредит за школување има провизија од еден отсто, додека за ненаменските провизијата изнесува 2 отсто.

- Сѐ друго е исто, па дури и каматните стапки се многу слични. Сепак, во досегашната практика многу ретко се случува некој да аплицира за наменски кредит за школување. За таа цел клиентите аплицираат за ненаменски кредит, од кој подоцна средствата ги користат за плаќање школарини - велат од Стопанска банка АД Битола.
Тагови:

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија