X
 19.02.2016 Култура

Југ Гризељ: Не е најважно новинарот да биде писмен, туку да не биде човекомразач!

„Читав дека многу од моите колеги се определиле за новинарство затоа што тоа им било животен сон. Јас се определив малку поинаку. Во 1947, еден ден во месец октомври, се собра друштвото од сплитски бруцоши со кои и припаѓав и се дискутираше што кој ќе студира. Никој немаше никакви посебни желби, освен што знаевме дека сакаме да завршиме нешто. Јас многу се колебав меѓу чиста филозофија и ветерина. Веќе од тоа колебање гледате колку сериозни определби биле тоа.


Во еден момент ми пријде еден другар од воената бригада и ме праша дали би сакал да работам во новинарството. Не го разбрав добро и бидејќи на почетокот мислев дека се работи за продажба на весници, го прашав дали тоа би ме спречило да студирам. Тој, имено, веќе беше новинар. Ми рече: „Секако дека тоа не би те спречило. Тоа е работа за која се работи малку, а добро се заработува“. Кога тоа ми го кажа човекот, јас преку глава се определив да се занимавам со таа работа. Сакав да продавам весници.

Сега, после толку години од тој ден кој ме определи за цел живот, размислувам како лесно влетав во оваа професија, а освен тоа и погрешно информиран. Имено, наместо да продавам весници, тој мој другар ме однесе во редакцијата на „Вјесник“ кадешто дознав дека мојата работа е да пишувам.

Поголемиот дел од вашите читатели нема да го разберат тоа, бидејќи познато е дека денес новинарството е многу популарно. Меѓутоа, во тоа време целиот свет сакаше на медицина и евентуално на економија, а што е тоа новинарство - никој добро не знаел. Луѓето како да се собирале по улиците да одат да работат за весниците.

Знам дека денес многу мои колеги тврдат како дошле во весниците по важна партиска задача и слично, и тие сигурно се во право, но јас мора да признаам дека во весниците дојдов верувајќи дека час-два дневно ќе работат продавајќи весници, а остатокот од времето ќе студирам: или Сократ и Аристотел или крави и овци.

Во уште една работа многу се измамив. Малку е да се каже дека е лага дека во новинарството може да се работи малку, а да се заработува добро. Денес после толку години гледам дека ситуацијата е сосема поинаква: се работи многу, а малку се заработува, а покрај тоа ве напаѓа секому кому тоа му падне на памет. Бидејќи новинарите умираат млади, бидејќи работата е тешка, а платата ништо особено, бидејќи цел ден и цела ноќ треба да бркате некои рубрики и некои личности, бидејќи секој може да ве нападна кога сака и како сака, се поставува природно прашање: зошто сите ние не избегавме од новинарството? Зошто би работеле нешто во кое се работи за главата?

Во тоа е работата: новинарството за човекот станува една тотална опсесија. Тоа воопшто и не е работа, тоа е едно тотално ропство и тотална опседнатост. Ако човекот го разбере новинарството онака како што го разбираат повеќето новинари - а тоа е дека занимавањето со таа работа пред сè е огромна привилегија, привилегија да се занимаваш со возбудливи и никокаш досадни откривања на вести од светот, тогаш тоа е чисто хоби. А кога е во прашање хоби, човекот не прашува колку чини.

Откако станав таканаречен „искусен новинар“ (односно, во превод, откако остарев) често ме водат по разни трибини и ме принудуваат да им зборувам за тешкиот новинарски живот итн. Јас секогаш велам дека тоа е една голема мистификација, за тоа како ние страдаме во својата професија, бидејќи разликата меѓу новинарството и многу други професии е во тоа што таа работа се работи со страст.

Приговорот кој често го слушам кога велам дека тоа е прекрасна работа е дека така е во мојот случај бидејќи имам можност секоја втора недела да разговарам со некој крал, генерален секретар, претседател на влада или шеф на Обединети нации. Морам да кажам, тоа и би сакал читателот да ми верува, дека најголемото задоволство е да се пронајде некаде, на некој светилник, осамен светилничар и со него да се води разговор.

Задоволството не е во разговорот со кралевите, туку да се откриваат интересни луѓе, а нив ги има толку што човекот не е ни свесен за тоа. Да се чујат паметни работи од нив, тие паметни работи да им се пренесат на читателите, тоа е привилегија. Да се отиде кај Курт Валдхајм во Њујорк или кај претседателот на Швајцарија - тоа е чиста рутина. Многу е поинтересно и повозбудливо, а и почовечно, да се направи интервју со Миленко Смој, сплитски новинар, или со професорката Божиновиќ, која во последните десет години спасила две илјади луѓе од инфаркт.

Уште една работа сакам да ви кажам кога веќе чепкате во таа професија. Гледате, кога се бираат млади луѓе за пилоти на млазни авиони - тогаш се спроведуваат многубројни истражувања за да сме сигурни дека ќе го добиеме вистинскиот човек. Кога се примаат луѓе во новинарството - не се прават речиси никакви истражувања, а се смета дека најважно е човекот да е писмен. Мислам дека тоа е најмалку важно!

Мислам дека е најважно во новинарството да стигнат добри луѓе, да биде што помалку намуртени и злобни луѓе, што помалку човекомразачи, оние кои до пладне се мразат себеси, а после пладне целиот свет. Најопасни се оние кои мислат дека во нешто биле лишени во животот, па таквите стигнуваат во весниците - и почнуваат да бркаат сè по ред, да наоѓаат во секој човек она што е најлошо во нив, да гледаат афера во сè, да гледаат злобна намера во сè.

Зошто тоа е опасно? Опасно е бидејќи новинарството дава големи можности, не би рекол моќ, но големи шанси да се видат работите на различни начини. Ако не сте доволно добри, ако не ги гледате работите со очи на дете, ако не го сакате сонцето, ако не сакате да си играте, ако сте песимист - вам сè што ќе допрете во животот ќе ви биде сомнително.

Е, кога ваквиот намуртен ќе стигне во весниците и кога ќе почне да напаѓа во своите статии и репортажи луѓе околу себе - тоа е целата трагедија. Одеднаш од весниците започнуваат да излегуваат само противници на самоуправувањето, само непријатели, само крадливци, само фалсификатори. Мислам дека во нашите весници има неколку такви новинари - и опасноста од нив е еднаква на опасноста од атомска бомба.

Знаете: кога еднаш поцрните еден човек, нема ниту еден сапун со кој може да го измиете. Еден познат американски новинар, по долгогодишно искуство и работа на една од најважните рубрики во секој весник - Писма од читателите и Исправки, напишал дека веста на која работи човекот, за нешто или некој, на многу начини е слична на работата која ја прави домаќинката кога од некоја луда причина се одлучува да ја скине перницата и низ прозор да ги истресе сите пердуви. Како што пердувите ќе полетат преку седум ридови и седум планини носени со ветрот, така и веста која ќе ја објавите стигнува на сите страни.

Потоа, да речеме, дека ќе се утврди дека не сте ја провериле добро работата и дека веста не е точна. Што правите: Ја поправате. Таа исправка, рекол тој наш американски колега, има иста толкава вредност како кога домаќинката би посакала да ги собере сите пердуви. Никогаш нема да собере ниту половина пердуви. Никогаш ниту половина луѓе кои ја прочитале веста нема да ја прочитаат исправката. А да не велиме дека додека се стигне до исправката човекот кој сте го поцрниле стигнува до сите несреќи, губење на достоинството, честа и почитта.

Затоа она што јас се обидувам да ги научам своите млади колеги е едно правило кое не е сосема, можеби, во духот на модерната педагогија, но по мое мислење е во духот на почитувањето на човекот. Тоа правило гласи: кога човека треба да го пофалите или за него да раскажете убави работи, немојте воопшто да се распрашувате многу, ниту да проверувате, ниту да размислувате. Пофалете го, брзо и што повеќе. Тука може да згрешите малку. Но кога човека треба да го нападнете, распрашајте се на сто страни и извршете сто истражувања и сто пати размислете.“

Југ Гризељ (1926-1991) започнал да се занимава со новинарство во 1947. Бил еден од најсестраните и најчитани југословенски новинари.

Извор: Yugopapir


Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура