X
 24.02.2016 Образование

Наставничка во Хрватска на своите ученици им овозможува образование по пример на финските факултети

Наставничката Марлена Богдановиќ 10 години се усовршувала на различни професионални курсеви и обуки низ цела Европа, а идејата нејзините ученици во текот на наставата да можат да користат таблети за поефикасно учење, и` дошла при посета на Факултетот за применети науки во Хелсинки.

 

1


Поради употребата на новата технологија и` е потребно дополнително време за да се подготви за еден час, но за неа не претставува проблем бидејќи најважна и` е благодарноста на нејзините ученици.

Таа со личен ангажман и со помош на родителите ја опремила училницата во oсновното училиште Тучепи со 20 таблети. Без поддршка од Министерството за наука, образование и спорт, таа на своите ученици им овозможува современо образование по пример на предавањата во најразвиените светски и европски градови.

„Идејата за овој начин на настава за прв пат ми дојде на Факултетот за применети науки во Хелсинки. Иако тогаш се работеше со студенти, сепак јас видов дека за вакво нешто не мора да имам некоја футуристичка училница“, објаснува наставничката Марлена.

Таа смета дека во денешниот свет децата предоцна се образуваат за информациите и користењето на најновата технологија - дури во петто одделение. Клучната причина е тоа што повеќето од нив уште во раната доба од животот добиваат различни уреди па се` до десеттата година тие создаваат навики за користење на паметни телефони, компјутери и таблети.

„На родителите им презентирав се` од европското искуство и им дадов идеја да набавиме таблети и паралелно да работиме со хартија и дигитални учебници бидејќи некои од издавачките куќи веќе имаат учебници во дигитална форма. Сакав да им покажам дека информатиката не е посебен предмет туку дека од прво одделение децата можат да се научат на одговорно користење на технологијата“, додава таа.

Моментално таа е единствената наставничка во Хрватска која работи со децата на овој начин. За новиот пристап се едуцирала 10 години. За да подготви високо-квалитетен, интерактивен училишен час потребно и` е повеќе време, а моментално сето тоа го работи само поради нејзините ученици, бидејќи во Хрватска не постои начин соодветно да се наградат наставниците кои нудат повеќе од просекот.

Најголемиот проблем се јавил за време на набавката на опремата. Затоа таа се јавила во хрватската академска истражувачка мрежа „Carnet“, која спроведува дигитализација на хрватските училишта.

„Ми рекоа дека за дигитализација на една училница потребни се 198.000 куни, што значи дека еден таблет е 4.500 куни. Толку ќе чини планот за дигитализација на 150 училишта во кои е планирано да се воведе проектот во наредните 10 години и тоа е ненормално скапо, а не мора да биде. Нема логика дете од 7 години да добие толку скап таблет. Тогаш започнав сама да барам добавувачи и најдов едвај еден кој успеа од ист вид да набави 20 таблети кои чинеа околу 100 евра. Беа потрошени 20.000 куни, родителите ги финансираа таблетите на кои ги презедовме дигиталните учебници кои ги имаат две издавачки куќи“, вели Марлена Богдановиќ.

Нејзините ученици сега истите задачи ги работат во тетратките, а потоа ги препишуваат во таблетите. Учат да користат меил и пораки, а симнаа и бесплатни апликации за цртање и пишување. Користат бесплатни игри за собирање и одземање, а учат и за безбедноста на интернет.

За да се избегнат негативните ефекти на прекумерно „зјапање во екранот децата на таблетот поминуваат 10 минути дневно. Освен тоа, откако ќе завршат со работа на таблетите тие имаат 10 минути вежбање и истегнување.

„Сите мои ученици учествуваат во некој спортски клуб, мене спортот ми е услов за занимавање со технологијата, тоа ми е противтежа. Дури и ако немаме распоред за физичко, ние вежбаме“, објаснува наставничката.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование