X
 29.02.2016 Образование

Најдоброто од Југоисток - Нашите најдобри студенти имаат можност да добијат стипендија на реномираниот Универзитет Карл Фрaнценс во Грац, Австрија


Олгица Спасевска, Директор на Служба за Човечки ресурси во Шпаркасе банка 


Шпаркасе важи за една од ретките банки во Македонија која нуди програма за стипендирање, во врска со ова разговаравме малку поопширно со директорот на службата за Човечки ресурси во Шпаркасе банка, Олгица Спасевска, за успешноста на програмата и интересот на истата кај македонските студенти.

Факултети.мк: Дали може нешто поопширно за програмата? Која е нејзината цел, за каква програма станува збор и што сè нуди таа?

Навистина имаме исклучителна можност веќе 6-та година да го промовираме Проектот “Best of South-East” (Најдоброто од Југоисток) односно да овозможиме учество и натпревар за нашите најдобри студенти да добијат стипендија која покрива трошоци за студирање на реномираниот Универзитет Карл Фрaнценс во Грац, Австрија (Karl Franzens University).

Проектот e наменет за студентите кои дипломирале или сè уште студираат на факултети за економија и право, а кои се во рамки на универзитети од Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора и Македонија. Проектот подразбира 1 годишен престој на Универзитетот Карл Франценс во Грац, а покрај можноста за студирање, студентите имаат и практична настава во нашата матична банка Steiermarkishe Sparkasse во Грац. По избор на студентите, во летниот период тие може да спроведат практична работа во една од нашите членки на Групацијата. Апликантите треба да имаат многу добро познавање на англискиот јазик и познавање на германскиот јазик соодветно за програмата за која аплицираат, висок просек за време на студирањето, препораки од 2 професори, посветеност, силни коминикациски вештини, флексибилност, аналитичко и практично економско размислување. За време на престојот на студентите им се покриени трошоците за школарина, сместувањето во студентски дом, месечен надомест на трошоците во износ од 420 ЕУР, интензивен јазичен курс или еден семестар во јазичниот центар “Treffpunkt Sprachen” при Универзитетот во Грац, како и осигурување за време на престојот.

Нашата матична банка го започна овој регионален Проект во 2008 година со Универзитетот во Грац со цел да го унапреди и продлабочи образованието за талентираните и посветените студенти од Југоисточна Европа. Овој Програм на таргетираните групи им овозможува обука и понатамошно образование, како и интернационално работно искуство и полесно навлегување во професионалната кариера.

Факултети.мк: Колку програмата се покажала успешна досега?

Имајќи го предвид фактот дека Проектот веќе 8 години поддржува студенти од регионов, а благодарение и на отвореноста и поддршката на нашите Универзитети, горди сме што нашата земја имаше можност да испрати студенти кои успеаа да добијат меѓународни знаења и пракса кои ги пренесуваат назад. Проектот секоја година се унапредува и особено внимание посветува на тоа што е предизвикувачки и поттикнувачки за студентите. Уште повеќе што студентите кои веќе ја добиле стипендијата и кои го поминале престојот во Грац со задоволство им ја препорачуваат на своите помлади колеги.

Секако дека го сметаме Поректот за успешен бидејќи бенефитот директно или индиректно го чувствуваме и ние, а личните успеси на студентите не радуваат сите.


Факултети.мк: Дали македонските студенти се заинтересирани за програмата и дали сте задоволни од нивниот одзив?


Нашите амбиции се големи и настојуваме да направиме најдобра промоција со цел секоја нова генерација да добие навремена информација, а секако и да им помогнеме на студентите навреме да се подготват за апликацијата. Во изминатите години почувствувавме дека германскиот јазик и нивото на познавање го ограничува помасовното аплицирање и се обидовме преку доделување дополнителни стипендии за изучување германски јазик да ги поттикнеме посветените студенти. Достапни сме им и за совети и консултации за подготовка за аплицирањето.

Заинтересираноста секоја година е различна, секогаш зависи од личните цели и преференци на студентите, но нашите настојувања секогаш се да го допреме најдобриот потенцијал.


Факултети.мк: Колку од македонските студенти кои добиле стипендија се вработени во Шпаркасе?

Стипендирањето на студентите, нивниот престој на Универзитетот во Грац и практичната работа која се спроведува во Steiermarkishe во Грац, како и можноста за избор на пракса во целата Групација овозможува тие поблиску да се запознаат со нашето работење, а за нас пак одговорност е да ги поддржиме, да ги воведеме во работниот процес, да инвестираме во нивното знење и да им помогнеме да се стекнат со дополнителни вештини. Тоа од друга страна ни помага да ги таргетираме најдобрите студенти и секако студентите кои сакаат да ја градат својата професионална кариера во банкарскиот и финансискиот сегмент. Натпреварувајќи се низ стандардниот процес на селекција со веќе стекнатитите искуства тие се добар потенцијал за нашата Банка. Дел од најдобрите студенти се ангажирани и во Групацијата и во Шпаркасе Банка Македонија.  

Факултети.мк: Кои карактеристики треба да ги поседува студентот за да ја добие стипендијата?


Апликантите се избираат врз база на нивните лични изјави, нивниот академски успех и стекнатите референци. Во личните изјави особено внимание се обрнува на фокусот на интерес на апликантот и на нивната лична мотивација за пријавување на Програмата.
Особено значајна е вештината на презентација и комуникација, можноста на концизен и сублимиран начин да се претстави кандидатот, внесувањето на персоналноста, инвентивност, самодоверба. Низ овој начин на претставување есенцијално се истакнуваат и стручното знаење и пошироките познавања на кандидатот.

Факултети.мк:Што би им препорачале на студентите кои планираат да се пријават за стипендијата?

Имањето визија и поставени цели, како и стремежот, упорноста, енергичноста, желбата за успех и нови знаења, отвореноста за нови предизвици се нештата без кои не се може.  
Бидејќи станува збор за специфичен Проект кој за кандидатот носи исклучителни можности за стекнување интернационални знаења, а во исто време и можност за стекнување практично искуство од современото банарство, кандидатите имаат доволна мотивација да ја покажат својата амбициозност.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование