X
 03.03.2016 Образование

Околу 17% од скопските средношколци имаат дислексија - Што треба да знаеме за состојбата?

Се претпоставува дека околу 70-85% од децата кои се сместени во специјални училишта за потешкотии во учењето во развиениот свет имаат дислексија. Се претпоставува и дека лицата со дислексија ја користат само десната страна од мозокот за процесирање на јазикот. Децата на родител со дислексија имаат 50% шанси да имаат дислексија, а 100% ако двајцата родители ја имаат состојбата.


Дислексија е состојба која може да се препознае при пишувањето, читањето или спелувањето. Состојбата се манифестира со замена на букви, испуштање букви, непочитување на интерпукциските знаци и на правилата за голема и мала буква, пишување букви со различна големина и слично.

Но, дислексијата не е поврзана со коефициентот на интелигенција или слично. Впрочем, околу 50% од вработените во НАСА имаат дислексија.

Разговаравме со Дамјан Николовски од здружението за дислексија „Ајнштајн“ на темата, кој вели:

„Дислексија не е минлива состојба , туку е состојба која личноста ја има доживотно. Најважно е да се знае дека дислексијата не претставува никакво ментално или психофизичко заостанување ниту пак има врска со интелигенцијата на индивидуата туку баш напротив дислексија е често предводена со натпросечна интелигенција за што се и доказ сите оние брилијантни и вонсерски умови кои ја поседувале оваа состојба како што се Алберт Ајнштајн, Стив Јобс, Томас Едисон, Џенифер Анистон, Бил Гејтс, Том Круз, Агата Кристи и многу други. Дислексијата е едноставно различен стил на учење односно приемање на информациите.“

Голем број од родителите во земјава, за жал, сè уште не се доволно информирани за оваа состојба. Ова е значајно бидејќи според минатогодишно истражување на здружението „Ајнштајн“,  17% од средношколците во Скопје имаат дислексија. Според податоците од соседните земји, дислексијата е присутна кај 10-15% од вкупното население, односно најмалку 1 во десетмина.

Што треба да знаат родителите?

Николовски посочува дека дислексијата не е болест, туку состојба и дека тоа може да претставува моќ или дарба.

„Дислексијата не е болест таа е состојба која се манифестира со потешкотии во читањето, пишувањето и општо потешкотија со учењето. Светските статистики покажуваат дека 80% од учениците со слаб успех имаат дислексија. Тоа е доволен доказ за важноста од рано детектирање на дислексијата. Важно е за родителите да знаат дека децата со дислексија не се мрзливи ниту пак глупави туку само различно ги процесираат информациите од околината.“

Како да се препознае ученик со дислексија?

Индикатори за дислексија може да бидат: тешкотија при обработка на пишан јазик, дискриминирање или „задржување“ на звуци, проблеми со дешифрирање при читање, мешање или испуштање на звуци при спелување.

На интернет-страницата на „British council“ може да се пронајдат бесплатни кратки водичи кои може да бидат почетна точка за наставниците и професорите. Имено, треба да се внимава на: бавно читање, слаб правопис, слабо самопочитување, проблеми со организација, последователни грешки, бавно и погрешно препишување, слабо забележување и слаби способности за слушање.

Како да се работи со ученици со дислексија?

По препознавањето на дислексијата кај ученици од паралелката, професорот треба да го подобри пристапот до наставниот план, да ги земе предвид различните стилови на учење, да користи флексибилно групирање, да препознава одредени проблеми со математиката, да оценува позитивно итн.

Николовски ни кажува дека „многу е битно наставниците да имаат посетено едукација на оваа тема за да можат дислексијата да ја препознаат кај своите ученици и да знаат каков треба да им биде пристапот кон истите“.


Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование