X
 04.03.2016 Образование

Христина Спасевска, продекан за настава: ФЕИТ е како "жив организам" што постојано е активен

На ФЕИТ се случуваат многу активности во моментов. Заврши Месецот на претприемништво, наскоро започнува „RoboMac“, но она што е сосема ново е дека ФЕИТ ја изработи методологијата во рамки на проектот „Обука за градежните работници за енергетска ефикасност“. Проф. д-р Христина Спасевска, која е продекан за настава на ФЕИТ, разговараше со нас за методологијата и активностите кои се одвиваат во рамки на факултетот.


Факултети.мк: Кажете ни нешто повеќе за методологијата која ја изработи ФЕИТ во рамки на проектот „Обука на градежните работници за енергетска ефикасност“.

Проф. д-р Спасевска: Методологијата за препознавање на предходните знаења и вештини на градежните работници за енергетска ефикасност е нов механизам што за прв пат се применува во Република Македонија. Таа е направена според европски стандарди за отценување на знаењата стекнати преку неформалното и информалното образование. Процесот е краток и едноставен, а овозможува работниците, кои немаат формално образование да добијат релевантен сретификат каде точно се опишнани нивните компетенции што ги стекнале во секојдневната работа. Препознавањето се спроведува од стана на сертификационо тело составено од универзитетски професори, експерти и тренери обучени за енергетска ефикасност во градежниот сектор.

Во рамки на проектот, се серифицирани 200 тренери преку спроведена обука, како и 972 градежни работници преку процесот на препознавање. Ова претставува најмасовен сегмент во проектот со цел добивање доволен број на квалификувани градежни работници кои ќе поседуваат и формален доказ за своите квалификации од областа на енергетската ефикасност. Со оглед дека оваа методологија е прифатена во ЕУ, а на национално ниво најде потврда преку проектот „Обука на градежните работници за енергетска ефикасност“, постои можност за нејзина понатамошна примена и на други занимања.

Факултети.мк: Како сертификатите добиени во рамки на проектот ќе им помогнат на работниците во иднина?

Проф. д-р Спасевска: Од една страна, градежниот сектор е особено важен за развојот на економијата во Република Македонија, а од друга, во него работат голем број работници кои немаат формално образование, а се случува дел од нив да не се постојано вработени или да работат на црно. Сертификатите добиени со препознавање ќе придонесат официјално да бидат признати нивните стекнати знаења и вештини, што овозможува многукратно подобрување на можностите за избор и напредување во кариерата, како и поголема заработувачка. Со поседување на документ, работниците стануваат повеќе барани, а работодавците доколку во своите тимови имаат работници со сертифицирани вештини од енергетска ефикасност, се поконкурентни на пазарот. Токму тоа и беше причината, што голем број компании се заинтересирани нивните работници да поминат низ процесот на препознавање со цел стекнување сертификати за енергетска ефикасност.

Факултети.мк: На ФЕИТ набргу започнува и „RoboMac 2016“. Што очекувате од овогодинешното издание?

Проф. д-р Спасевска: Годинава по седми пат се организира RoboMac, кој што претставува меѓународна работилница и натпревар за студенти и средношколци од областа на роботиката и вештачката интелигенција. Како и секој година, така и оваа, очекуваме да продолжи успешната традиција на високо академско и професионално ниво. Домашните и странските учесници ќе имаат можност да слушнат предавања од професори и експерти, да ги надоградат своите знаења и да ги покажат во најдобро светло своите вештини. Дел од традицијата е и организирање на неформални случувања, па се надеваме дека учесниците ќе имаат забавен и незаборавен настан.

RoboMac 2016 ќе се отвори во понеделник на 07 март со почеток во 11 часот на ФЕИТ, а натпреварот на финалните решенија на вистински роботи ќе се одржи во сабота на 12 март во Дом на АРМ со почеток во 18 часот. Секако, предавањата и финалниот натпревар се отворени за јавноста.

Факултети.мк: Заврши и Месецот на претприемништво, кој е организиран на факултетот. Како сте задоволни од посетеноста и реализацијата?

Проф. д-р Спасевска: Студентите од ФЕИТ оваа година за прв пат го организираа Месецот на претприемништво. На овој настан, освен студентите од ФЕИТ, учествуваат и студенти од другите технички факултети во нашиот кампус, Машинскиот, Факултетот за информатички науки и компјутерско инжинерство и Технолошко-Металуршкиот факултет. Ова е прв настан од ваков вид и навистина, помина одлично. Студентите организираа предавања, работилници и панел дискусии, каде млади и успешни претприемачи, со огромен ентузијазам, ги споделија сопствените приказни, совети, искуства и тактики со нашите студенти. Целта на настанот е да се поттикне претпримачкиот дух кај студентите, а тие своите идеи да ги претворат во реалност.

Факултети.мк: Дали нè очекуваат уште новости од ФЕИТ годинава?

Проф. д-р Спасевска: Секако, ФЕИТ е како „жив организам“ што постојано е активен. Нормално е да се случуваат многу настани, трибини, работилници, да има размена на идеи и мислења, да се дружат студентите, да дебатираат и разговараат за теми од нивен секојдневен интерес, но и за науката. Како и секогаш, новостите ќе ги споделиме со јавноста во моментот кога тие ќе случуваат. Како Факултет сме еден од најактивните високообразовни институции во Република Македонија, со многу домашни и странски проекти. Работиме на подобрување на квалитетот на образованието, како и на целосно функционирање, на нови меѓународни проекти, зголемување на издавачката дејност и на уште поголемо активирање на студентите и професорите во реализација на нивните нови идеи.


Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование