X
 10.03.2016 Култура

Интервју со Елеонора Венинова: Во уметноста мора да ги знаете правилата за да знаете како да ги прекршите

Штом таа направи филм, без оглед дали станува збор за игран, документарен или пак цртан, сигурно ќе добие награда. Ова може да се заклучи ако се погледне листата со наградените дела на нашата позната режисерка и сценаристка Елеонора Венинова.  Таа е авторка на многу документарни и играни филмови, но активна е и во продукцијата за најмладите, како сценарист на популарната детска емисија „Пет плус“, и детскиот цртан филм „Прасето кое сакаше да биде птица“. Нејзиниот краткометражен филм „Влакна“, со Ирена Ристиќ и српскиот актер Бојан Жировиќ во главните улоги, ја освои наградата за најдобар трилер на годинашниот Канадски интернационален филмски фестивал што се одржува во Ванкувер. Претходно овој филм беше награден и на фестивалот „Ворлдфест Хјустон“ во американската држава Тексас. Факултети.мк разговараше со Венинова за нејзиното образование, за љубовта кон филмската уметност, за работата со најмладите...


Фото: Давор Коњукшиќ

Факултети.мк: Случајно или намерно се најдовте во светот на филмот и креативните уметности?

- Многу намерно. Иако студирав новинарство и работев како новинарка неколку години, на страна, како хоби пишував сценарија и се едуцирав за филм и она што спаѓа во креативни индустрии поврзани со видео продукција. Одлуката да ја направам таа промена на професии можеби дојде како мало изненадување за моето семејство и пријатели, но за мене беше едно сосемо природно надградување на една голема страст во професија.


Факултети.мк: Многу од филмовите Ви се наградувани на меѓународни фестивали, можеби и немате филм што не добил награда, уште од времето како студентка по новинарство. Како гледате на признанијата?

- Секако дека се радувам на наградите и ми значат, особено што правењето филмови и воопшто создавањето уметност е процес во којшто постојано се преиспитувате, ве критикуваат, интерпретираат, па самите го правите истото и кога ќе добиете признание, барем на некое време ги стишувате сите тие разногласија во главата. Задоволството е поголемо што филмот подразбира тимска работа, така што заслугите, а истовремено и радоста од наградите е поделена, а со тоа и поголема. Но, истовремено, не сум од оние што ги слават успесите со денови. Обично веќе следниот ден го враќам фокусот на она што го работам во моментот и на тоа како да го направам подобро.


фото: Дарко Дуридански 

Факултети.мк: Не Ви се непознати и документарните филмови. Ако не се лажам во моментов работите токму на документарец. Што Ви е поблиско на душата, каде полесно се искажувате, во играната продукција или пак документарците?

- Дефинитивно подобро се снаоѓам во играна продукција, што навидум е чудно затоа што документарните филмови се многу често комбинација на новинарска работа и филмска дејност и јас како новинарка и сценаристка/режисерка би требало добро да се снаоѓам во тој жанр, но во практика не е така. Документарецот бара специфичен пристап кон темата која се истражува, односно бара успешен компромис помеѓу реалноста и конструираната нарација која е финален производ. Јас сакам да сум на чисто: или работам со реалност и факти и тогаш пишувам новинарски текст, или работам фикција без строго придржување до фактичката реалност и тогаш пишувам сценарио. Така што документарните филмови остануваат една област која допрва треба суштински да ја истражам.

Факултети.мк: Вашиот детски цртан филм „Прасето кое сакаше да биде птица“ постигна исто така многу успеси. Дека сакате да работите за деца, говори и вашиот ангажман во една од најпознатите детски емисии „Пет плус“. Уметниците кои работат на детска продукција, знаат да кажат дека нема потешка и поодговорна работа. Се согласувате ли со оваа констатација?


- Да, работата на програми за деца е голем предизвик и одговорност затоа што тоа е област каде што вашата работа има најдиректни последици и влијание на нечиј личен развој. Затоа, кога работам на детски програми сакам она што го пишувам или режирам да го проверуваат психолози или педагози кои ќе оценат дали разрешувањето на конфликтот во приказната праќа јасна порака до децата за она што е етички исправно. Иако некогаш и тука знаеме да имаме несогласувања затоа што сите ние имаме различен систем на вредности и лична етика, мислам дека за секоја приказна може да се најде некоја поука која ќе биде прифатлива за поголемиот број од родителите, а со тоа и за нивните деца.

Факултети.мк: Во Лос Анџелес го учевте филмскиот занает, но работите тука во Македонија. Тешко ли е да се реализира сè она што го учевте во САД, каде најчесто знае да „заглави“ процесот на работа?


- Има предизвици на тоа поле затоа што тоа се две различни поимања на филмот  (уметност наспроти индустрија), а во помала мера и во начинот на кој се раскажува приказната. Понекогаш чувствувам како да не можеме да се разбереме со дел од соработниците затоа што истата приказна и истите ликови ги гледаме на различен начин, но тоа само делумно доаѓа од различното образование, а делумно од различните перспективи на животот. Дури би рекла дека ова второто, светогледот, игра поголема улога отколку формалното образование или преференци за некоја кинематографија.


фото: Дарко Дуридански 

Факултети.мк: Имате стекнато диплома на македонски факултет, но учевте и во САД. Кои се клучните разлики кај образованието кои ги забележавте?


- Во САД образованието е многу пофокусирано на практична работа. Американците не сакаат многу теорија и теориското запознавање со предметите кои се изучуваат е сведено на некој минимум, а повеќе време се посветува кон курсеви и програми кои ги оспособуваат студентите за практичната работа што ги чека. Но, во уметноста е малку поинаку. Студиите на предметите кои спаѓаат под уметност, особено на овие кои се сметаат за некаква применета уметност, се сведени на занает, а тоа особено важи за пишувњето сценарија. Имам впечаток дека кај нас на пишувањето сценарио и правењето филмови се гледа строго како на уметнички израз кој не смее да биде оптоварен од никакви правила.  Делумно се согласувам со ова затоа што поентата на уметноста е да ги крши воспоставените правила, но се согласувам и со Американците кои велат дека мора да ги знаете правилата за да знаете како да ги прекршите. Така што мојот пристап е комбиниран. Јас лично ги кршам правилата понекогаш, но секогаш имам добро објаснување за тоа и ова е некоја филозофија која ја практикувам и во уметноста и во животот.
Подготвил: Ф.М

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура