X
 14.03.2016 Образование

Познатиот руски педијатар одговара на прашања од родители

Познатиот педијатар Јевгениј Олеговиќ Комаровски е еден од најпочитуваните педијатри во регионот на поранешно СССР. Тој месечно одговара на илјада и пол писма од родители. Од неговата интернет-страница komarovskiy.net издвоивме неколку прашања и одговори.


Дали за детето е штетно вегетаријанството на кое родителите го учат уште во пелени?

Одговор: Ниту суровата храна, ниту вегетаријанството не одговараат на биологијата и природата на човекот. Возрасните, секако, имаат право со своето здравје да прават што сакаат, но навредливо е тоа свое право да го манифестираат на детето. Јас лично апсолутно не сум поддржувач на суровата храна и вегетаријанството, но без огледа на тоа сметам дека родителите може да го прават тоа, но само со согласност од лекарите за навреме да би се корегирал недостатокот на железо и на комплексот од витамин Б.

Дали на детето ќе му биде подобро во приватна градинка отколку во државна?

Одговор: Приватните детски градинки се убава работа. Посебно е убаво кога ги исполнуваат сите потреби на родителите, кога имаат јасна програма, кога се придржуваат на одреден начин на живот и се држат до одредена педагошка метода. Неволјата е во тоа што родителите кои ги оставаат децата во приватни градинки имаат два мотиви: детето да добива поголемо внимание и со детето да се „работи“ повеќе. Така, за детето да добие поголемо внимание, тие даваат пари за во групата да има што помалку деца, а за да се работи повеќе со детето, обрнуваат огромно внимание со дополнителни активности - англиски, танц, часови од бон-тон итн. Тоа е невообичаена ситуација.

На моја голема жалост, на родителите не им се приоритет правилата кои се однесуваат на здравјето на детето. И со тоа, повеќето приватни градинки, исто како и државните, не го исполнуваат стандардот во однос на прашањето за должината на времето надвор, не ставаат акцент токму на активностите на свеж воздух, не ги контролираат параметрите на температура и влажност во просторијата... Дури не е задолжителна ни вакцинацијата на вработените против грип, што е недопутсиво.

Заклучок: Повеќето приватни детски градинки ставаат акцент на „воннаставни“ активности, но како и државните, обрнуваат недоволно внимание на здравјето на децата. Што се однесува до адаптацијата на детето на градинката, не постојат никакви пилули ниту капки со кои детето ќе се адаптира на колективот. Адаптацијата на градинката е одредена со тоа колку се исполнуваат санитарно-хигиенските норми во градинката, односно што прават вработените за максимално да го отежнат ширењето на инфекции меѓу децата. Ако во некоја градинка сите се придржуваат на тие мерки, децата сигурно помалку ќе се разболуваат и побргу ќе оздравуваат.

Како детето да научи да биде самостојно?

Одговор: Што се однесува до самостојноста, кога детето се обидува да направи нешто треба да се мешате само тогаш кога тоа ги загрозува неговата или нечија безопасност и здравје. Во спротивно, детето треба да се пушти да прави сè само, да греши, да се обидува, а кога ќе го добие посакуваниот резултат, треба да се пофали. Акцентот се става на тоа што детето успеало да го направи само. Тоа е клучниот момент во учењето самостојност.

Секако праксата на „немешање на родителот“ е посебно добра кога детето веќе го запознало светот околу себе и настојува да работи само. Меѓутоа, има разни деца - има деца кои на десет години трпеливо чекаат мајка им да ги запетла. Во тој случај, мора да се свртиме кон поинакви закони на педагогијата, оние кои се сведуваат на тоа дека родителот не смее да се откаже од своите одлуки под влијание на „не сакам“ на детето.

- Сакаш да одиш надвор, а не сакаш да се запетлаш? Сакаш да јадеш, но не сакаш да држиш лажица? Сакаш задникот да ти биде чист, но не сакаш да го избришеш? Што да се прави, големи се шансите да не одиш надвор, да бидеш гладен и задникот да ти биде валкан. оа не е суровост, туку навикнување на детето на реалниот живот, во кој утре нема да има многумина кои ќе му бидат на располагање во секој момент и без приговор.

Постојат ли превентивни мерки против болеста предизвикана со вирусот зика?

Одговор: Не постои реална можност државата да се заштити од вирусот зика. Треба да се знае дека било која државна програма, ако се појави, само ќе претставува начин за крадење пари. Сепак, веројатноста дека тој вирус ќе се прошири во нашата земја не е голема, од проста причина што комарците кои го пренесуваат не одговараат на климатските услови на поднебјето.

Мерките за превентивност се однесуваат само на луѓето кои заминуваат во потенцијално опасни држави. Конкретните препораки се сведуваат на тоа таму да се носи соодветна облека, долги ногавици и ракави, да се користат средства против комарци. Лично, пред сè, би ги советувал трудниците да не патуваат таму кадешто е присутен вирусот зика.


Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование