X
 15.03.2016 Технологија

Френк Нојригат, основач на Startup weekend: Во иднина луѓето нема да задржуваат една работа повеќе од 1 месец

„Startup weekend“ е 54-часовен настан кој се одржува во текот на викендот, за време на кој се формираат тимови од програмери, менаџери, ентузијасти и работат на идеи за нови стартап-компании. Настанот се одржува во барем 143 држави, меѓу кои и Македонија. Еден од основачите на организацијата која го организира настанот е Френк Нојригат. Благодарејќи на SECO Entrepreneurship Programme на Владата на Швајцарија, имплементирана од SwissContact, како консултант (Eco-System Advisor) тој беше во Македонија изминатата недела и како ексклузивен инструктор од странство за Brainster одржа бесплатна стартап работилница во Скопје. Го искористивме неговото слободно време за да го прашаме неколку прашања. 




Факултети.мк: Да започнеме со идејата за „Startup weekend“. Од каде дојде?

Френк: Јас не се сетив на идејата. Идејата е на Ендрју Хајд, кој се сетил на идејата во 2007. Оригиналната идеја била 100 луѓе да работат на една идеја. Кога Ендрју го создал „Startup weekend“, тоа беше профитна организација. Јас и мојот ко-основач во 2009 ја купивме од Ендрју и ја направивме непрофитна. Од таму, кога имаше околу 20 настани годишно, стигнавме до околу 1.000 настани годишно. Форматот на „Startup weekend“ не постои во други организации. Има негови варијации, но мислам дека она што го прави „Startup weekend“ уникатен е неговата заедница. Ова е најголем настан за претприемништво во светот во оваа фаза. Имаме повеќе од 8.000 луѓе кои волонтираат околу светот. „Startup weekend“ се одржува во над 143 земји. Тешко е да се следи. Неодамна станавме профитна организација, повторно.

Факултети.мк: Ти си основач и на „Recorp.co“. Кажи ни нешто повеќе за ова.

Френк: Тоа е мојата нова стартап-компанија, која ја отворив пред 6 месеци заедно со еден ко-основач. Сместени сме во Бруклин, па како и секоја друга стартап-компанија истражуваме. Немаме ниту интернет-страница. Сè уште експериментираме. Во однос на идејата, за време на последниве 7 години од мојот живот како им помагам на луѓето да станат претприемачи, ја гледам мојата нова авантура како начин да се помогне на една индустрија во која 90% од светското население се префрла. Каде одите ако сте претприемач и сте биле отпуштени од вашиот одбор? Сте успеале со идејата, но што е следно? Мислам дека општеството треба да ги смета за уникатни, иако статистички поретки од оние кои дипломираат на „Харвард“.

Експериментот кој го спроведувам е да се изгради, на некој начин консултантска фирма, но за претприемачи. Организираме настани кадешто успешни претприемачи се запознаваат со луѓе кои сакаат да преземаат ризици. Идејата е како да им помогнеме на големите компании. Мислам дека големите компании сега имаат проблем со недостаток на модернизам во нив. Ако погледнете од макро-ниво, корпорациите имаат милијарди годишно со кои треба да прават нешто. Ако искористиме дел од тој капитал и го инвестираме во брилијантни претприемачи, мислам дека може да создаваме луѓе кои може да бидат на ниво на луѓе како Илон Маск.

Факултети.мк: Кога би можел да им дадеш еден најважен совет на младите претприемачи, кој би бил тој?

Френк: Лесно е. Советот е: Создавајте. Престанете со зборување за тоа. Што и да е она што сакате да го направите, направете го. Сега. Не размислувајте премногу за тоа, не планирајте премногу, ако сакате да создадете нешто, само направете го. Ако го немате знаењето кое е потребно, поминете викенд учејќи, па продолжете понатаму. Друг совет би бил поврзете се со локалната заедница. Тука во Македонија има многу работи со кои им се помага на стартап-компаниите. Тука е „Startup weekend“, секако, но има и други настани. Бидете љубопитни за тоа. Зборувајте со претприемачи и слично, но повторно, надвор од вашиот дом. Излезете од зоната на удобноста и запознавајте луѓе и создавајте работи.


Факултети.мк: Дали секој може да биде претприемач?

Френк: Секој може да биде, но не тоа не значи дека секој треба да биде. Никогаш не би препорачал секому да биде претприемач затоа што мислам дека е лично патување. Тешко е да принудите некој да биде претприемач, треба да се работи напорно, да се прават многу комплицирани работи, и големи се шансите за неуспех. Она што треба да го знаеме е дека секој може да биде претприемач. Не мислете дека ви треба голема идеја. Идеите не се неопходни, ниту изговор. Не мислете дека треба да бидете брилијантни. Сè е до дејствувањето. Секако, може да научите од пракса.  


Факултети.мк: Тогаш, што е потребно да се стане претприемач, ако не идеја?

Френк: Може да бидете претприемач со отворање кафуле, а ако зборувате за компании како оние во Силициумската долина и модерни работи, сè што ви треба е интернет-конекција и компјутер.

Факултети.мк: Како ја замислуваш иднината на претприемништвото?

Френк: Не знам дали можам да размислувам за иднината на претприемништвото, бидејќи тоа било тука отсекогаш. Секогаш ќе има луѓе кои ќе го потресат општеството со нови идеи или ќе искористат веќе постоечка и ќе создадат нешто ново. Претприемништвото не еволуира. Тоа создава нови работи, но тоа било тука отсекогаш. Претприемачите секогаш ќе бидат оние луѓе кои бараат нови нешта за создавање. Тоа не се менува. Мислам дека она што ќе се смени е работата. Мислам дека да се има работа и истата да се задржи повеќе од 10 години, 20 години или цел живот ќе исчезне. Мислам дека живееме во време со толку промени. Мислам дека никој нема да задржи една работа повеќе од 5 години, 2 години, па дури и 1 година. Мислам дека некаде луѓето нема да задржуваат иста работна положба повеќе од 1 месец. Мислам дека светот станува сè повеќе флуиден. Клучот е во способноста за самостојно учење нови нешта. За мене, она што е битно за иднината е образованието, способноста за самостојно учење, поттикнување на луѓето да се обидат да направат нешто сами. Мислам дека системот со одење на факултет, дипломирање, наоѓање работа за цел живот одамна не постои. Тоа ќе биде предизвик за општеството, но претприемачите секогаш ќе бидат исти.

Факултети.мк: Конечно, што би им порачал на нашите студенти?

Френк: Не бидете срамежливи. Зборував со многу студенти во Македонија и имам чувство дека луѓето не се чувствуваат удобно при користење на англискиот или се срамежливи за некои работи. Направивме вежба со една студентка која се јави во САД и бараше пракса и таа беше воодушевена што личноста веднаш и даде контакт. Нема граници. Обидете се. Не размислувајте премногу. Не мислете дека бидејќи сте во Македонија не може да успеете. Елиминирајте сè што е негативно. Не сте премногу млади, не сте премногу Македонец или било што друго. Ако сакате да работите и отворите одличен бизнис во Македонија, обидете се. Обратете им се на луѓето кои го направиле тоа или било кој. Не се двоумете да побарате помош.

Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија