X
 17.03.2016 Култура

Интервју со Александар Георгиев, автор на првиот речник на правни поими на македонски јазик

Неодамна, Македонија доби речник на правни поими. Книгата беше промовирана во јануари во Битола, кадешто говореа доц. д-р Горан Илиќ, продекан за наука на Правниот факултет во Битола и авторот, Александар Георгиев – Калица. Досега, во земјава имало само лексикони на правни поими и помали речници за специфични области, но ова е прв комплетен речник на правни поими на македонски јазик. Повеќе за речникот и за начинот на кој може да се набави дознаваме лично од авторот.


Факултети.мк: Кажи ни накратко за речникот. Колку поими содржи?

Александар: Речникот содржи преку 2.000 правни поими чии дефиниции се изведени првенствено од целокупната позитивна законска регулатива на Република Македонија, поголем број на меѓународни конвенции како и избрана правна литература од Македонија и регионот. Покрај правните поими речникот содржи и 280 познати латински правни изреки преведени на македонски јазик, кои често се споменувани и користени во правото. Поимите се внимателно избрани, посебно оние кои најчесто се употребуваат во правниот промет и тековното работење.


Факултети.мк: Беше ли тешко да се напише речникот, посебно како единствен автор?

Александар: За составување на речникот ми беа потребни околу 2 години. Најтежок дел беше подготовката и концептот на систематизирање на поимите, за кои потрошив повеќе време, а тоа од причина што ваквиот тип на изданија во Македонија се ретки и обично се однесуваат на конкретна област. За подготоваката на речникот морав да ја прегледам целокупната законска регулатива и меѓународни конвенции како и обемна стручна литература за што беше потребно доста време и труд . Како прво издание од ваков тип сметам дека допрва истото треба да се надградува и дополнува, од причина што се работи за динамична и обемна материја.


Факултети.мк: Каде ја гледаш примената на речникот на правни поими, покрај правниците?

Александар: Покрај правниците речникот може да најде голема примена во работењето на компаниите посебно во правните служби,кај јавната администрација, судските преведувачи, студентите и кај секој граѓанин кој е заинтересиран да научи нешто повеќе. Исто така овај речник би имал значајна примена и кај новинарите посебно за оние кои известуваат за одредени судски постапки или настани од областа на правото.


Факултети.мк: Како луѓето може да стигнат до речникот?

Александар: Речникот може да се нарача електронски преку сајтот на Правдико.мк со пополнување на формулар, при што книгата ќе им биде испратена до адреса со карго служба.


Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура