X
 23.03.2016 Образование

Нашите ученици повеќе се дружат и имаат семејна поддршка, но незадоволни се од животот за разлика од врсниците од Европа


 
Младите од Македонија на возраст од 11 до 15 години, за разлика од врсниците од повеќе европски земји и Северна Америка покажуваат подобри резултати во однос на семејната поддршка, имаат време да се дружат со нивните врсници, слободни се да разговараат со родителите за темите кои ги загрижуваат, но од друга страна пак, кај нив во последните 12 години континуирано опаѓа задоволството од животот. Ова се резултатите од Меѓународниот Извештај од Студијата: "Однесувања поврзани со здравјето кај децата на училишна возраст (11,13 и 15 години) од 42 земји од Европа и Северна Америка, вклучително и Македонија. Промоцијата, неодамна се одржа во седистето на ЕУ, во Брисел, под покровителство на Светската Здравствена Организација.

Македонските деца, според извештајот се на врвот на табелите по - семејна поддршка – добиваат највисока семејна поддршка во споредба со децата од Европа , во секоја ситуација кога им е потребна. Слободни се да разговарат со родителите за темите што ги загрижуваат, и тоа, со мајката речиси еднакво и девојчињата и момчињата, за разлика од таткото со кого повеќе и поотворено разговараат момчињата,со зголемување на меѓуродовите разлики со возраста. Врсничката група е најважен потпорен систем (покрај родителите), Македонија е меѓу земјите во кои децата најмногу се дружат по часовите, и навечер. Ова обемно истражување покажало дека нашите деца го сакаат училиштето, но со возраста нагло опаѓа приврзаноста кон него. Тие себе си се сметаат за ученици со добри училишни постигнувања и училиштето го сметаат за премногу тешко(11 и 13 години). Кога станува збор за исхраната, се меѓу првите во прекумерна тежина на 11 и 13 години, додека оние на 15 годишна возраст. се во европскиот просек. Повеќето доручкуваат редовно, но јадат и премногу слатки и пијат газирани пијалоци.

Во поглед на менталното здравје, нивните проблеми и чувствата на лошо расположение се далеку над европските просеци, како (не)задоволството од животот. Во последните 12 години, задоволството од животот меѓу младите од Македонија, континуирано опаѓа, и во 2014 година ќе падне за цели 10 проценти, во споредба со 2002 година што ги позиционира нашите 15-годишни млади на самото дно од табелата, меѓу 42 земји. Во поглед на ризичните однесувања, помалку пушат, пијат и се опиваат од децата од повеќето земји во Европа, но овие разлики се просечни. Во рамки на македонските подгрупи, по возраста, родот и етничка припадност има големи разлики, секоја од групите е со свои специфики, и тие треба да се согледаат одвоено.

–Податоците покажуваат големи нееднаквости во поглед на родот, возраста, културата, и социоекономскиот статус на децата (семејството и заедницата, на кои им припаѓаат децата). Единствено, во тие контексти треба и да се разгледуваат податоците. Овие податоци се клучната евиденција за политиките за унапредување на здравјето на младите, за тие да станат поефикасни, понавремени и понасочени на различни групи млади, за да одговорат на нивните специфични потреби. Тоа е единствениот начин, здравјето и добросостојбата да станат што поеднакво достапни на сите деца во заедницата – вели Лина Ќостарова Унковска, главен истражувач за Македонија.

Инаку, студијата се повторува на секои четири години, покрива 5 области поврзани со здравјето на децата на 11, 13, и 15 годишна возраст – во адолесцентниот период од нивниот развој. Првата област се Демографски податоци и социоеконмски контекст – структура, вработеност и имотност на семејството, потоа Навики поврзани со здравјето – Исхрана, физичка активност, слободно време, Социјален контекст – семејство, училиште, врсници,

Исходи по здравјето – ментално здравје, задоволство од животот, перцепција за сопственото здравје, повреди, тежина и слика за своето тело и петтата област Ризични однесувања – пушење, пиење, канабис, сексуално однесување.

Целосната верзија на HBSC извештајот: „Нееднакво растење: Родови и социоекономски разлики во здравјето и добросостојбата на младите “Growing up unequal: gender and socioeconomic differences in young people’s health and well-being, одете на линкот http://www.euro.who.int/en/hbsc-report-2016.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование