X
 29.03.2016 Образование

Треба ли да се отстрани знакот за "препорачано до..." на производот?

Германскиот министер за исхрана и земјоделие се залага за укинување на одредбата за препорачан рок на траење на производите.


Секој од околу 80 милиони граѓани на Германија годишно фрла 82 килограми намирници во ѓубре. Всушност, само мал дел од таа храна навистина е расипана и е со поминат рок на употреба, односно рок на траење по кој производот би можел да биде опасен за здравјето на потрошувачот.

Имено, многу луѓе ги фрлаат производите на кои им е истечен рокот кој е означен како „препорачан рок на употреба“. Тоа е многу еластичен поим: до тој датум, произведувачот гарантира дека производот ќе ги има вкусот, мирисот, бојата, конзистенцијата и хранливите вредности кои би требало да се имаат. По тој датум, веројатно е дека производот ќе ги задржи тие својства и можеби ќе помине многу време додека истиот не се расипе.

Се покажало дека произведувачите се прилично „штедливи“ во одредувањето на препорачаните датуми бидејќи ако потрошувачот го фрли производот порано, ќе купи нов побргу. Резултатот е многу фрлена храна која може да се искористи подобро.

Оттаму доаѓа иницијативата од Министерството за исхрана и земјоделие на Германија:

„Ние масивно фрламе добри намирници затоа што произведувачите поставиле преголеми сигурносни периоди до рокот кога се расипува производот“, вели министерот Кристијан Мит за „Функе“.


Инаку, препорачаниот рок на употреба во Германија бил воведен пред повеќе од триесет години, но само во ретки случаи тој има смисла. Министерот Шмит се залага овие ознаки да се заменат со „интелигентни пакувања“ какви што се достапни одамна.

Имено, тој препорачува пакување со вграден чип, како чашите јогурт. Тој чип може да мери како се менува содржината на производот од ден во ден.

Исто така, во пакуваното месо, произведувачите експериментираат со налепници кои ја менуваат бојата ако во производот се појават хемиски реакции кои покажуваат дека месото е расипано.


Препорачаниот рок на употреба се користи во целата Европска унија, но германскиот министер тврди дека на европско ниво се шири свеста за тоа дека нашето општество фрла премногу добра храна.

Според резултатите од едно истражување, Германците годишно фрлаат храна во вредност од 16,6 до 21,6 милијарди долари, односно секој граѓанин фрла 200-260 евра во облик на храна која веројатно може да се изеде.


Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование