X
 05.04.2016 Образование

Д-р Комаровски: Во земјата каде децата се женска работа нема светла иднина

Јевгениј Олеговиќ Комаровски е најпознатиот и најпризнатиот педијатар на територијата на поранешен СССР. Тој е доктор по медицински науки, телевизиски водител и автор на 15 книги за грижа на детето.

 

1


На доста разбирлив начин ги изложува информациите за здравјето и воспитанието на детето, поради што ужива почит од голем број родители.

Ако во ваша моќ би било да ги претворите во закони некои права и должности на родителите, што би направиле?

„Би направил пред се`, во училишната пракса секој ученик да се стекне со минимум медицинско знаење. Идните родители во училиштазта учат што е синус, што е косинус, кој е главниот град на Мозамбик, а утре нема да знаат како да им помогнат на децата кои имаат температура, што е вакцинацијата, кои се детските болести, како да постигнат безбедност кај децата во домот... Затоа сметам дека е неопходно да се воведе закон кој ќе донесе обврска родителите да ги совладаат основните знаења од медицината“.

Дали сметате дека децата треба да го учат она што им е од корист кога ќе пораснат и кога ќе бидат родители?

„Работата е тоа што ние не знаеме дали во животот ќе ни затреба математика или историјата на Стариот Рим, но сигурно ќе ни треба искуството на здравите семејни односи, комуникацијата со сличните луѓе како себеси, основите на педагогијата, основната практична медицина, основата не безбедност, основното однесување во град, село, во природа, како да се заштитиме од инсекти, што да направиме кога ќе не` опколи глутница кучиња... Должни сме да ги научиме децата на правилно однесување во случај да се соочат со некои од овие ситуации. Ги прашав малите Финци: „Деца, што ќе направите ако на излет ја скршите раката?“, а тие на глас ми одговорија: „Телефонираме и хеликоптерот пристигнува за 30 минути“.

Кај нас хеликоптерот нема да пристигне...

„Е да, на финските деца овие знаења и не им се потребни, а за нашите деца никој нема да долета. И бидејќи живееме во држава која нема ни желба ни можност да го обезбеди детето, тогаш мораме сами да ги учиме децата што е безбедноста. Треба да престанеме да играме демократија во оние ситуации кога државата или науката јасно ги знаат одговорите на прашањето: „Што е лошо, а што добро?“ Не е добро да важи правилото: можеш да возеш велосипед и со кацига и без кацига. Би требало да гласи: ако возиш велосипед на главата мораш да имаш кацига, инаку велосипедот ќе ти биде одземен. Најстрогиот можен закон. Делува сурово, но не е. Сурово е кога детето ќе се повреди. Дали знаете кој е најголемиот страв на човекот кој седи позади воланот и вози по украинските патишта?

Велосипедистите кои немаат специјална облека. Секоја година страдаат по десетина. Велосипедистот кој навечер нема светла на велосипедот подлегнува на конфискација. На тој начин се уништуваат неколку илјади велосипеди, но се спасуваат неколку илјади животи. Е тоа е нешто со кое државата треба да започне да се занимава. Друга работа: ако знаеме дека вакцинацијата е добра работа (медицината тоа го покажа), државата треба да им помогне на сите оние кои ги почитуваат правилата.

Како би го коментирале однесувањето на мајките кои толку многу си го сакаат детето што го ставаат под стаклено ѕвонче?

„Тие мајки и не се многу виновни. Тоа е нивниот инстинкт - тие за разлика од некои други мајки, така ја гледаат заштитата за своето дете. Лошо е што овие деца имаат и татковци и што тие татковци ги оставиле децата еден на еден со женскиот инстинкт на тие мајки. Не смее да се дозволи ситуација кога жената сама одлучува за детето. И секако, обратно. Ниту една одлука во врска со детето не смее да ја донесе само еден родител. Таткото треба да биде упатен во тоа што детето прави, кога и како јади, како се облекува, што се случува на училиште, еднакво добро како и мајката. А кај нас татковците малку се интересираат за овие работи и мајките прават што сакаат. Таткото смета дека неговата задача е да оди во апетка. Никаде не ги гледаме татковците: ниту во породилна сала, ниту во болница, ниту на училиште.

А тоа во Финска го има. Благосостојбата на една држава започнува од моментот кога мажот не се интересира само за војна, нафта и пари - туку и за децата. Е тогаш државата започнува да се развива“.

Денес многу жени одлучуваат да родат дете без маж, „за себе“. Дали сте против тоа?

„Јас сум за. Што, жените не треба да раѓаат само затоа што наоколу сите мажи се кретени? Да се лишат себеси од среќата која ја носи мајчинството? Ако мажот не е подготвен да биде татко, тоа не го спречува да биде биолошки татко. Ако жената е подготвена да стане самохрана мајка, треба да биде свесна дека ја очекуваат поголеми потешкотии. Зошто нема нормални мажи? Баш за тоа се виновни жените. Уште од почетокот жените ги воспитуваат машките деца по апсолутно женски принципи и инстинкти. Покрај детето нема маж, само жени кои го наметнуваат својот модел на однесување. А тоа е ужасно. И после жените се жалат зошто нема нормални мажи“.

И така се вртиме во круг...


„Погледнете. Денес ја снимаме емисијата „Училиште на Др-Комаровски“ и во салата имаме четири татковци. Тоа е вистински празник. Скоро во сите земји во кои имам средба со родителите, во салата 80% се жени. Но во Финска, 50% наспроти 50%. И затоа точно знам дека земјата во која мажите се интересираат за децата има вистинска иднина. Во земјата кадешто децата се сметаат за женска работа нема иднина. А тоа можат да го променат само жените. Ако жената е подготвена да го воспита детето без татко, тогаш мора да го сфати најважното - кај детето да всади машки принцип: одговорност за своите постапки, однос кон ветувањето и жалењето. Тоа кај мажите и жените се разликува. Мојот совет за самохраните мајки гласи: ако сакате правилно да ги воспитувате вашите деца повеќе читајте, учете бидејќи на вас останува многу поголема одговорност!“.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование