X
 07.04.2016 Образование

Американското катче открива што може да очекуваме од Саемот за високо образование во САД

Наредната недела ќе биде одржан саем за високото образование во САД, во организација на Education USA Македонија и Амбасадата на САД во земјава. Разговаравме со Олгица Ѓорѓевска, координатор и советник за образование во САД од Американското катче во Скопје, на оваа тема.


Факултети: Што ќе видиме на саемот за високо образование во САД наредната недела?

Олгица: Саемот на Високо Образование во САД во организација на EducationUSA Mакедонија и Амбасадата на САД во Македонија се одржува по трет пат на 12ти април во салата Милениум на Холидеј Ин од 17:00 до 20:00часот. 14 претставници на извонредни американски колеџи и универзитети ќе ги посетат Љубљана, Загреб, Сараево, Подгорица, Белград, Скопје и Приштина како дел од Југоисточно Европската EducationUSA тура која се организира по трет пат после огромниот успех во 2014 кога турата привлече над 2000 посетители. Претставниците на високообразовните институции кои ќе се претстават на Саемот во Скопје ќе одговараат на прашања за нивните академски програми за додипломски и постдипломски студии како и за можностите за стипендии и финансиска помош. Оваа година имаме широк избор на додипломски програми , како и два универзитета кои нудат таканаречени MBA програми и LLM односно постдипломски по право. На саемот , исто така, ќе бидат присутни и советници за образование во САД со кои што средношколците како и студентите ќе можат да стапат во контакт за помош при аплицирање, селекција на универзитети, финансиска помош односно подготовка за универзитети.

Факултети: Што претставува EducationUSA?

Олгица: EducationUSA центрите активно го промовираат високото образование во САД насекаде во светот нудејќи точни, навремени и детални информации за образовните институции во САД. Центрите нудат еднаков пристап до сите можности за сите квалификувани индивидуалци. Секоја година, значително голем број на потенцијални средношколци и студенти од целиот свет добиваат информации за можностите за студирање во САД . Во овие центри работат професионални советници кои биле на обука преку Стејт Департмент или и самите студирале во САД , и кои се придружуваат кон етички стандарди во процесот на советување. Во Македонија има 4 центри, и тоа во Скопје, Битола, Тетово и Штип кои се во партнерство со Американските Катчиња во Македонија и секако поддржани од Амбасадата на САД. Нашите центри покрај саемот организираат активности како предавања, вебинари , работилници како и можноста за индивидуално и групно советување.


Факултети: Какво беше искуството со организирање на овој саем претходните години? Дали очекувате поголем одзив годинава?

Олгица: Нашето задоволство е големо што овој саем прерасна во традиција и е единствен од ваков вид во земјата. Секако , организацијата на саемот е различна секоја година но и секогаш оди на подобро. Во 2014, претпоставувам дека беше малку потешко за сите нас бидејќи се организираше по прв пат меѓутоа се беше организирано во најдобар ред и одзивот беше одличен. После завршувањето на првиот и на вториот саем, ние сериозно седнуваме да ги разгледаме сите позитивни и негативни критики и ги земаме во предвид сите повратни информации. За одзивот не би сакала да зборувам во рамки на бројки, бидејќи тоа е многу релативно. Може да дојдат многу посетители без интерес за конкретни програми и без конкретни прашања или па да дојдат помалку посетители кои се информирале претходно за универзитетите кои ќе презентираат и имаат специфични прашања. Затоа бројката не ни покажува многу за квалитетот на настанот. Секако, ќе ни биде мило ако имаме од двата типа на посетители дека секогаш може да се наиде на некоја опција за која што не сте ни размислувале. Имаме доста широка промоција каде што практично има листа на универзитетите, нивните програми така да очекувам дека секој ќе најде нешто од интерес. Особено драго ни е кога гледаме дека доаѓаат и родители за да се информираат повеќе. До денес , имаме значителна бројка на регистрирани посетители.

Факултети: Зошто студентите и учениците треба да го посетат саемот?

Олгица: Овој саем е прв структуиран настан кој што е само за студирање во САД ,и сметаме дека тоа е од големо значење .До сега претставниците на факултети од САД доаѓаа индивидуално во посета на училишта или на нашиот центар и информациите не секогаш стигнуваа до сите.Саемот е можност за сите оние кои се заинтересирани да студираат во САД или едноставно да ги разгледаат опциите кои се нудат да добијат информации од прва рака. И со самиот факт дека е голем настан од отворен тип придонесува до моментот на споделување на информациите до поширока публика.

Факултети: Како може да се регистрираат?

Олгица: Регистрацијата се врши по електронски пат со пополнување на краток формулар. Линковите може да се најдат на нашата ФБ страна EducationUSA Македонија како и подоле во текстот. Регистрацијата е задолжителна бидејќи податоците се потребни за понатамошна комуникација со факултетите, секако доколку самиот посетител е заинтересиран.

Факултети: Што им советувате на сите заинтересирани пред да го посетат саемот?

Олгица: На сите оние кои што доаѓаат на саем, јас им препорачувам да го разгледаат настанот кој што е објавен, во кој има информации и видеа за подготовка. Таму е даден детален преглед на сите универзитети, програми како и инструкции со прашања кои може да бидат добар водич како посетителот да извлече корисни информации од факултетите.

Линк до настанот: https://www.facebook.com/events/1000819083324083/

Линк за регистрација: https://docs.google.com/forms/d/1heI9HxsZsnkSrI-OT8gOqm-_bl3wuhDkxc5qVSVXw_4/viewform


Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование