X
 07.04.2016 Култура

Инспирацијата позади најголемите екс ју хитови

Стиховите на песните на регионалните музичари не се секогаш онакви какви што ги доживуваме при првото слушање. Голем број песни се напишани како да пеат за љубовта и разновидните животни проблеми, но „позади завесата“ се кријат текстови кои носат мистериозни пораки, приказни, темни тајни, па дури и животни исповедувања на познатите имиња.

 

музичари


Долго време се зборуваше за песната „Бацила је све низ ријеку“ од групата Индекси, која легендарниот Даворин Поповиќ ја посветил на девојката од неговите средношколски денови која абортирала, иако тој сакал да се ожени со неа. Исто така, постои и приказна која вели дека песната всушност е напишана од Кемал Монтено. Тој се сетил на некоја прекрасна девојка која стоела на сред градина, и која долго време му била симпатија, меѓутоа никогаш не собрал храброст да и` се приближи.

 

Култната група Болеро, чија музика го доживеа врвот во 80-тите години во една песна вели: „Никада се нисмо срели, времена нисмо имали да ми очи обришеш, да ми руке милујеш“. Песната го носи името „Јелена“, која и после 20 години е популарна и помеѓу денешните генерации. Се чини дека во песната се пее за љубовта кон една девојка, но тажната и сурова вистина е дека песната е посветена на мајката на еден од членовите која го оставила во дом за деца.

 



Песната на Бијело Дугме, „Сањао сам ночас да те немам“ со години ја доживуваме како љубовна, но во една прилика Горан Бреговиќ, поранешниот текстописец од групата, изјавил дека песната всушност пее за смртта на неговата мајка. Исто така, некои луѓе песната „Да сам пекар“ ја поистоветуваат со консумирање на кокаин.

 



Во 90-тите години излезе песната „Ко ме теро да те волим“ од групата Бабе. „Мрачната“ страна на оваа песна е тоа што членот на бендот, Жика Миленковиќ, ја напишал за својот другар кој починал од сида после секс со проститутка од Панчево во која бил заљубен.

 




Хитот „Неко те има ночас“ од групата Ван Гог важи за една од најкомерцијалните љубовни песни, а всушност е посветена на марихуаната. Слична приказна се поврзува и со песната на хрватскиот музичар Дино Дворник „Ти си ми у мислима“ кој пее за хероинот, од кој Дино одреден период од животот бил зависен.

 



Фронтменот на групата Азра, Бранимир Џони Штулиќ, ја напишал популарната песна „Балкан“ како поддршка на својот полов орган да не го издаде во клучни ситуации. Текстот на песната вели: „Балкане, Балкане, Балкане мој. Буди ми силан и добро ми стој“.


„Игра рокенрол цијела Југославија“ е песна на Електрични Оргазам, а е посветена на луѓето во бивша СФРЈ кои затвориле очи пред она што било нивна очигледна судбина.


Кики Лесендриќ, основач и водач на некогашниот состав Пилоти, во песната „Не вјеруј у идоле“ сака да ги испровоцира членовите на групата Идоли, поради расправијата на неговото семејство со семејството на Срѓан Шапер, член на Идоли.


Со години се зборува за скриените пораки во текстовите на легендарните ЕКВ. Така, нивната песна „Срце“ е посветена на поранешната девојка на основачот на бендот Милан Младеновиќ, која починала од хероин.


Антологискиот хит „Старе трубе“ на групата Галија е посветен на девојка која сакала да се убие во текот на илегална борба со бикови. Песната „Ена“ на групата Хаустор пее за девојката на фронтменот на оваа група, Дарко Рундек, која избегала во Канада откако не успеала да се откаже од дрогата. Стиховите на песната „До свитања“ на Владо Ѓеоргиев се напишани во надеж за заеднички живот на Србија и Црна Гора.




За рокенролот како жанр на музика уште од неговото појавување се развивале интересни теории. Откако црквата започнала да зборува за „ѓаволска“ музика, многу мистерии и теории на заговор започнале да се поврзуваат како за популарните музичари, така и за нивните песни. Тоа најмногу се почувствува во 70-тите, 80-тите и 90-тите години. Многу погрешни толкувања на песните понекогаш успевале да ги налутат музичарите, такашто и тие понекогаш ја објавувале вистината за текстовите со желба да стават крај на бесмислените толкувања.

Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура