X
 15.04.2016 Образование

Отворен ден на УКИМ - Средношколци од целата земја се информираа за студиските програми

Средношколци од Скопје и од други градови денеска го посетија кампусот на најголемиот универзитет во земјава, „Св. Кирил и Методиј“. На платото пред УКИМ тие беа пречекани од факултетите при универзитетот, додека во позадина можеше да се слушне музика од групите кои гостуваа на настанот.


На овој отворен ден на УКИМ, кој траеше од 10:00 до 17:00 часот, беа претставени старите и новите студиски програми на факултетите при универзитетот. Средношколците и останатите посетители имаа можност да разговараат со професори и студенти од факултетите кои им изгледаат најпримамливо. Кога станува збор за изборот на универзитет, неколку средношколци изјавија дека го одбрале овој факултет бидејќи нуди најмногу можности и е најпопуларен.

- Го одбрав Филолошкиот факултет на УКИМ затоа што сакам јазици и мислам дека овде најдобро може да ги совладам англискиот и италијанскиот - вели една средношколка.

На прашањето што би бил најголем предизвик за нив во поглед на студирањето, средношколците најмногу се грижат дали ќе бидат примени во државна квота и дали ќе успеат да ги положуваат сите испити навреме.

- Мислам дека средното образование е полесно и очекувам повеќе предизвици бидејќи сега ќе бидам оставен сам на себе. И нормално, треба да се учи повеќе - вели средношколец.

Студентите и професорите на штандовите велат дека интересот е голем со оглед на тоа што гледале многу средношколци кои доаѓале на кампусот за да добијат информации за факултетите.

Фотографиите од отворениот ден на УКИМ пронајдете ги во галеријата.

ГАЛЕРИЈА

Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование