X
 24.04.2016 Образование

Повеќето студенти учат со најлошиот метод за помнење

Начинот на кој учат повеќето ученици и студенти денес е бесмислен, заклучуваат психолозите Хенри Родигер и Марк Мекдениел од Вашинтонгскиот универзитет. Тие заедно поминале 18 години во анализана учењето и меморијата, а своите откритија ги објавиле во една книга „Make it Sick: The science of Successful Learning“.


Повеќето студенти учат такашто повеќепати ги читаат белешките, учебниците и останатиот материјал. Меѓутоа, ова е најлошиот начин на учење, пишува „Вокс“. Многу поефективен начин на учење е со изработка на дијаграми и мапи и самостојно испрашување. Психологот Марк Мекданиел дели совети за подобро учење.

Немојте само да ги читате белешките

Мекданиел вели дека повеќето студенти изјавиле дека ова е нивната најглавна стратегија при учењето, меѓутоа со истражувањето тој заклучил дека ова не може да создаде трајна меморија. Набљудувањето на учениците покажало дека оние кои го прочитале материјалот само еднаш запомниле исто како и оние кои го прочитале двапати.

Поставувајте си многу прашања

Добра техника е по едно читање на текстот да се поставуваат прашања. Ова е поефективно собирање информации. Доколку на прашањето сте одговориле погрешно, дознавате дека нешто не знаете и тоа може повторно да го проучите, а на тој начин управувате со своето учење, појаснува психологот.

Новите информации поврзете ги со стари

Обидете се главните информации да ги поврзете со веќе познати информации. Давајте си примери на овој начин и полесно ќе го запомните најбитниот материјал.

Визуелизирајте ги информациите

Одлична стратегија е изработка на дијаграм, ментална мапа или слични визуелни модели во главата. Активното учење, кога сами им даваме значење на информациите, има голема улога во задржувањето на информациите. Едноставно, оној кој учи мора да биде вклучен и ангажиран, не пасивен.

Користете картички за помнење

Иако повеќето студенти веќе наученото го тргнуваат настрана, тоа не е добро. Впрочем, би требало да го тестирате и повторувате она што веќе сте го научиле. Доколку точно повторите информација со некоја картичка, таа картичка оставете ја со оние кои не ги знаете.

Распоредете го материјалот

Многу ученици „бубаат“ напамет бидејќи го чекаат последниот момент за учење. Ова е лошо за долгорочното помнење, особено доколку некои порани лекции се потребни за некои понови. Важно е да се распореди учењето и да се повторува малку по малку секој ден.

Не е вродено некои предмети да „не ви одат“

Ова е погрешен став. Тоа ве ограничува уште на почетокот бидејќи размислувате на начин дека некои предмети може да ги разберете и научите само до одреден степен, што е погрешно. Наместо тоа, психолозите порачуваат да се фокусирате на постепено подобрување во она што сметате дека би е послаба страна. Посветете повеќе време за тој предмет и бидете поангажирани.

Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование