X
 09.05.2016 Образование

Професори ги советуваат матураните: Со вежбање и повторување неминовен е успехот на полагањето на државната матура

Полагањето на државната матура е страв и трепет за повеќето средношколци. Оние кои учеле континуирано во изминатите години секако дека ќе поминат полесно, но и останатите може да имаат добри резултати ако „запнат“ во текот на овој месец. Некои матуранти се подготвуваат сами, некои земаат дополнителни приватни часови, некои работат со професорите од училиштата. Матурата и не мора да се доживее толку стресно ако добро се подготвите и ги следите советите од наставниците. Ги замоливме професорката Татјана Алексиќ од скопската гимназија „Раде Јовчевски Корчагин“ и Виолета Србиновска од тетовското средно училиште „Моша Пијаде“ да им дадат по некој стручен совет на матураните, како правилно да се подготват за полагањето на „тестот на зрелоста“. Тие ни објаснија детално што значи полагањето на државната матура.



 Како да го подготвите мајчиниот јазик, советува професорката Татјана Алексиќ:


Сите добри приказни почнуваат со „Си беше еднаш... “ Си беше еднаш една класична гимназија во која одличните ученици беа ослободени од матурскиот испит на крајот од четврта година. Но, од 2007 година почна новата матурска епопеја која нè ослободи никого туку подеднакво ги вклучи сите и речиси една деценија коректно и успешно се реализира во сите средни училишта, вклучувајќи ги и приватните. Државниот испитен центар, ја осмисли и реализира задолжителната државна матура, зад која стојат професионалци, универзитетски професори и искусни наставници кои систематски, стручно и одговорно пристапуваат кон оптималните решенија за матурските тестови. Опфатени се речиси сите критериуми за вреднување на ученикот, неговите стекнати знаења и вештини како читање, пишување, анализа, синтеза, вреднување и примена на истите со еден комплетен матурски тест што учениците може да го решаваат 240 минути. Во врска со задолжителниот предмет македонски јазик и литература во матурскиот испит, сèуште не се вклопи проверка на вештината на говорење, поради тежината на постапката за проверка, но можно е во догледно време да се најде модул за проверка на говорните вештини кај учениците. Она што е за поздрав е координираната тимска работа на одговорните и компетентни кадри за составување прашања и нивна проверка, следење во континуитет на можните технички и суштински проблеми, одбегнување двосмислени прашања и прифаќање на сугестии од предметните наставници, кога се работи за сугестии во врска со надминувањето на грешките. Сега сме токму во период, кога наставната програма по македонски јазик и литература за четврта година, привршува со задолжителната наставна програма и почнуваме со подготовките за матурскиот испит, се потпираме на реторичката формула „повторувањето е мајка на знаењето“.

Сите минатогодишни тестови ги има на веб страната www.matura.gov.mk заедно со клучот и тоа е оптимална можност учениците да ги проверуваат своите знаења и да се запознаат со формата и содржината на тестот.Јас практикувам економично и селективно учење на материјалот веднаш по екстерното тестирање (за чија невалидност веќе имам пишувано ), а тоа е периодот од февруари до 20 мај кога матурантите завршуваат со редовната настава. Ги работиме делата и материјалот кои се вклучени во испитната програма, за да се добие во време за повторување на материјалот од сите четири години. Одговорните ученици секогаш на време и прецизно ги решаваат тестовите, но и останатите го фаќаат ритамот амбициозно да се реализираат на државниот испит без оглед на кој факултет планираат да се запишат, оти писменоста е најнужната алатка при студирањето. По завршувањето на редовната настава (и матурската прослава со сета своја амбалажа во пакет) следуваат консултации со матурантите, кога ние наставниците сме на располагање да ни се обратат и побараат помош. Гимназијата Раде Јовчевски - Корчагин со години наназад е прва, или меѓу првите гимназии по успех на матурските испити по сите задолжителни и изборни предмети, на што ние наставниците сме исклучително горди. Јас сум посебно горда, што секоја година по некоја „Марфи“ коинциденција, матурантите во ист ден полагаат матурски испит, а вечерта членовите на драмската и хорска секција настапуваат во МОБ со својот четврт по ред мјузикл „Во име на љубовта“ и сето тоа го прават корчагински прецизно и квалитетно. Во име љубовта кон знаењето им посакувам успешни матурски испити на сите матуранти! Си беше еднаш еден култ кон учењето и знаењето...И остана за одговорните, за оние кои веруваат во моќта на знаењето - вели Алексиќ.


Како успешно да се подготвите за математика, советува професорката Виолета Србиновска

Согласно Концепцијата за државна матура, предметот математика е во листата на изборни предмети и тоа ученикот избира помеѓу математика или странски јазик. Целта на подготовката за испитот по математика во државната матура е ученикот да стекне знаења и способности кои ќе му овозможат успешно да го положи испитот по математика, а тоа подразбира дека тој ќе може покрај тоа што ќе стекне општа математичка писменост и култура, да го продолжи своето образование во високообразовните институции и стекнување на оптимално ниво на математичка подготвеност за успешно да се вклучи во процесот на работа. Секој ученик кој одбрал да го полага предметот математика (и оние добрите математичари и оние помалку добрите), дали основно или напредно ниво потрбно е да се подготви успешно да го положи.

Најнапред на сајтот на Бирото за развој на образованието www.bro.gov.mk или на www.matura.gov.mk. да ја најдат испитната програма по математика. Во оваа програма ќе ги видат подрачјата кои се опфатени, како и содржината, знаењата и способностите кои ученикот треба да ги поседува за успешно решавање на испитните задачи. Секој според своите знаења, можности и подготвеност да си изготви предлог-планирање по подрачја кое ќе му помогне во организирањето на подготовката за матура. Препорачливо е во текот на подготовката на учениците за испитот по математика да се користат учебниците од основно (погорните одделенија) и средно образование, како и Прирачникот за подготовка за матура кој е работен според актуелната испитна програма по математика – за матура. Исто така препорачливо е да се користат и тестови од досегашните матури кој ги има на www.matura.gov.mk. Битно е да се информира ученикот за описот на испитот односно дека испитот е писмен и се состои во решавање на тест, кој содржи три типа на задачи и тоа задачи во кои ученикот избира еден точен од понудените одговори, задачи во кои на означеното место треба да запише краток одговор и задачи во кои ученикот треба да ја покаже целата постапка на решавање.

Подготовката на професорите не е само во овој завршен период туку тие ги подготвуваат своите ученици во текот на сите четири години. Тематските тестови за проверка на знаењето ги изготвуваат по принципот на тестовите од државна матура.Во рамките на можностите и времето во училиште организираат подготвителна наставапреку вежби и решавање на разни примери и задачи од тестовитеод досегашните матури учебниците и прирачникот со акцент на запомнување на поими и факти, чекорите на решавање на задачите и со поголемо активирање на индивидуалната работа

Престојниот период до полагање на испитот максимално да го искористат за подготовка за успешно полагање на матурата ипо потреба да побараат помош од своите професори. Многу успех на денот на полагањето, внимателно да го прочитаат упатството за решавање на тестот и да се придржуваат на него, да бидат смирени, сигурни во себе и своето знаење - вели Србиновска.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование