X
 13.05.2016 Образование

Ќе се бира нов ректор на УКИМ, од кандидатите познато е името само на Ненад Новковски

До крајот на мај ќе се знаат имињата на кандидатите за изборот на нов Ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Иако роковите за пријавување на кандидатите течат од почеток на месецот, официјално сè уште не се пријавил ниту еден кандидат. Дознаваме дека во текот на следната недела повеќе факултети ќе имаат седници на Наставно -научните совети на кои ќе одлучуваат кој кандидат ќе влезе во трката за избор на нов Ректор на УКИМ. Ненад Новковски, поранешниот министер за образование и наука и професор на Природно математичкиот факултет на својот фејсбук профил најави дека е кандидат од неговиот матичен факултет-ПМФ, а истото ни го потврди и во разговор.




“И јас сум на список за избори - на изборите за Ректор на УКИМ. На УКИМ му треба Ректор со којшто ќе направи голем исчекор со којшто ќе си ја потврди својата клучна улога во обрзбедувањето на просперитет на општеството факултет“, напиша Новковски на својот ФБ профил.

Во јавноста се шпекулира за уште двајца кандидати - сегашни декани, кои ќе се борат за ректорската позиција, како и за актуелен проректор, но официјално ќе се знае кога Ректоратот ќе ги соопшти кандидатите, или самите не се произнесат во јавноста, откако кандидатурата ќе им ја потврдат матичните факултети.

На актуелниот Ректор, Велимир Стојковски му истекува вториот мандат.

Инаку, постапка за избор на ректор поведува Ректорската управа во првата половина од месец мај, пред истекот на мандатот. Постапката за избор на ректор треба да заврши до 15 јули тековната година. Доколку изборот на ректор не заврши во рокот утврден во претходниот став, изборот на ректор се врши најдоцна до 15 септември тековната година. Согласно со критериумите за предлагање и избор на ректор и проректори, наставно-научните совети на факултетите и советите на научните институти предлагаат кандидати за ректор од својот состав, односно од составот на друга единица на Универзитетот или надвор од Универзитетот, со соодветно образложение. Секоја единица може да предложи еден кандидат за ректор и еден кандидат за проректор, односно повеќе единици можат да предложат еден кандидат за ректор и еден кандидат за проректор. Исто лице не може да биде предложено за ректор и за проректор. Кандидатот за ректор, односно проректор се утврдува со мнозинство гласови од присутните членови на наставно-научниот совет, односно на научниот совет. Ректорската управа доставените предлози, заедно со програмските платформи за работа на предложените кандидати за ректор, ги доставува до единиците заради информирање. Ректорската управа, врз основа на предлозите, со непосредно и тајно гласање, изготвува предлог од два кандидата за избор на ректор. Потоа изборот на ректор го врши Сенатот со тајно гласање. На ректорот функцијата му престанува и пред истекот на мандатот од четири години:  1. ако биде разрешен; 2. ако поднесе оставка; 3. ако му престанал работниот однос; 4. во други случаи утврдени со закон и со Статут.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование