X
 16.05.2016 Образование

Родителите во Македонија "заглавуваат" финансиски само за да му овозможат незаборавна матурска ноќ на своето дете

Во понудите на банките не постојат наменски кредити за матури, но дел од граѓаните за оваа цел земаат ненаменски потрошувачки кредити со кои покриваат и други домашни трошоци независно од тие околу матурата.



Од една минимална до над пет просечни плати во земјава ќе ги чини родителите матурската прослава на нивните деца, покажуваат грубите проценки на Факултети.мк. Со тие пари ќе ги покријат трошоците за свечена облека, славење со школските другари во ресторан, продолжување на матурската забава во дискотека, честење на роднините и пријателите, матурски подароци и сите други давачки директно или индиректно поврзани со овој настан.

Сумата која родителите планираат да ја потрошат најмногу зависи од длабочината на нивниот џеб, но и од желбите на матурантот. Сепак, дел од родителите се решаваат и да „заглават“ финансиски, само за да му овозможат незаборавна ноќ и прослава на своето дете. Голем дел од нив до крај ги користат дозволените минуси на картичките, а има и такви кои што се решаваат да земат и кредит за да може финансиски да излезат на крај со матурата.

Елеонора С. Е мајка на матурантка од скопската гимназија „Јосип Броз-Тито“. Таа пред неколку дена аплицирала за потрошувачки кредит во една од поголемите банки во земјава во висина од 2.000 евра.

- Со сопругот од поодамна испланиравме трошоците за матурата да ги покриеме со кредит. И двајцата сме вработени и имаме просечни плати, но тие не ни се доволни за да може да ја прославиме матурата како што сакаме. Односно, за да биде нашето дете среќно. Таа нема некои неверојатни барања, но сака да изгледа убаво таа вечер и затоа одлучивме да не штедиме кога станува збор за облека што и се допаѓа. Си купи фустан и чевли од Солун и закажа шминкање и фризура кај еден наш познат стилист. И купивме рачен часовник за подарок, а еден купивме и за нејзиниот партнер. Сите четири години ќерка ми беше одлична ученичка, па со ова сакаме на некој начин да и оддадеме признание за целиот нејзин труд – раскажува Елеонора.

Дел од парите од кредитот ќе ги потрошат и за прославата во ресторан, на која се поканети триесетина нивни блиски роднини и пријатели.

- Не планираме цел кредит да го потрошиме само за прославата. Дел од парите се испланирани за да и платиме одмор во Шпанија на ќерка ми откако ќе се запише на Економскиот факултет, што одамна и е голема желба. Со оглед на нејзините оценки и на трудот што го вложува, сигурни сме дека ќе успее во тоа, па одморот ќе и биде награда – вели Елеонора.

Од банките во земјава потврдуваат дека во периодот пред матурите дел од родителите земаат потрошувачки кредити за да ги покријат сите трошоци, но дека тоа не е масовна појава. Банкарските работници објаснуваат дека во нивните понуди не постојат наменски кредити за матури, но дека дел од клиентите за оваа цел земаат ненаменски потрошувачки кредити со кои покриваат и други домашни трошоци независно од матурските.

Во Стопанска банка АД Битола велат дека во моментов нема зголемена побарувачка на кредити кои би се трошеле за матурите.

- Додека трае периодот на матурите нема некој особен интерес кај родителите да аплицираат за потрошувачки кредити чии средства потоа ќе бидат наменети за купување гардероба, прослава во ресторани и слични расходи околу матурските прослави. Се случува, иако не многу често, токму за овие расходи родителите да се одлучат да аплицираат за дозволено пречекување или почесто за кредитна картичка, кои што исто така се еден вид на ненаменски кредит. Околу овој вид на расходи, клиентите почесто се одлучуваат да аплицираат за потрошувачки кредит кога станува збор за свадби бидејќи во тие случаи трошоците се значително поголеми – велат од Стопанска банка АД Битола.

Дел од банките во земјава се обидуваат да го искористат овој период за да привлечат повеќе клиенти, така што нудат поповолни потрошувачки кредити со пониски каматни стапки.

- Во овој период се забележува нешто поголем интерес за потрошувачките кредити, но не може со сигурност да се каже дека тоа се должи само на матурските прослави. Месецот во кој се слават матурите се поклопува и со периодот на уписи на факултет, предсезонските летни одмори и сл., така што многу наши клиенти ги комбинираат сите овие трошоци и ги покриваат со еден ненаменски потрошувачки кредит – велат од банките.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование