X
 17.05.2016 Образование

Сања Симоновиќ, ученичката која лани со донации замина на светски математички натпревари ќе студира на МИТ



Матурантката Сања Симоновиќ, ученичка во приватната гимназија „Јахја Кемал“, лани водеше вистинска борба за да замине на најзначајните интернационални натпревари по математика, на балканската, европската и светската олимпијада кои се одржаа во Атина - Грција, Минск - Белорусија и Чијан Мај - Тајланд.

Државата одби да го финансира нејзиниот пат до математичките натпревари, а Сања едвај успеа да замине со помош од македонски иселеник кој за случајот дознал од медиумите. Сања во интервју за Факултети.мк објаснува како си поминала на натпреварите, а ни откри дека ќе студира на МИТ, еден од најпрестижните светски факултети.

Факултети.мк: Сања како заврши твојата голгота околу заминувањето на светските математички натпревари?

- Да, точно е дека лани се соочив со потешкотии околу наоѓањето средства за патување на интернационалните натпревари, но за среќа човекот по име Мустафа Алилоски се понуди да ги покрие тие патни трошоци и јас успеав да заминам на овие натпревари. Би сакала да изразам благодарност и до Фондацијата Нада Стојменова која исто така ми помогна во однос на финансиите и без чија помош денес работите не би биле исти. Учествата на овие натпревари многу ми помогнаа да ги продлабочам своите знаења и да можам да аплицирам на најпрестижните светски универзитети. Покрај пофалницата на европската олимпијада во Минск, солиден резултат остварив на Балканијадата каде што од бронза ме делеа 2 поени. Од друга страна, пак, светската олимпијада во Тајланд претставуваше непроценливо искуство за мене од многу аспекти и сум благодарна и среќна што имав можност да бидам дел од таков голем настан.

Факултети.мк: Твојот случај отвори многу дилеми околу третманот на нашата држава кон талентираните ученици. Како се чувствуваше во тие моменти и што всушност треба да се промени за учениците да добијат поддршка од државата?

- Најискрено сметам дека третманот на талентираните ученици во Македонија е на незавидно ниво и дека претставува сериозен проблем на кој треба да му се посвети поголемо внимание. Интересно е дека проблемот со патните трошоци се појавува секоја година откако тимот ќе биде избран, а сепак сè уште не е решен.



Сметам дека решавањето на овој проблем е минималното нешто што може да се направи за учениците-натпреварувачи. Да се успее да се биде дел од тимот е сон на секој ученик во Македонија којшто сериозно се занимава со математичките натпревари. Кога конечно ќе се случи тоа, настапува чувството на среќа и задоволство. Но, некогаш, за жал, тоа чувство се помешува со неизвесноста дали воопшто ќе може да се изнајдат средства за да се отпатува на натпреварот, како што беше случајот со мене. Бидејќи имам запознавано натпреварувачи од многу земји, можам да тврдам дека најголем дел од нив не само што немаат проблем со патните трошоци, туку имаат и разни подготовки за да постигнат врвни резултати на тие натпревари. Третманот на натпреварувачите во средината од која доаѓаат се одразува врз нивниот успех на натпреварите, а самото тоа може да се смета како показател за степенот на развиеност на една држава. Сметам дека треба да се направат законски измени со кои помошта на натпреварувачите ќе им биде загарантирана, со цел тие да можат да се фокусираат на припремите, а не да размислуваат за финансиите. Државата треба да ги промени прописите за да може МОН да ги финансира приоритетните натпревари за средно образование, бидејќи општините под чија надлежност е средното образование имаат помали буџети. Јас искрено се надевам дека во иднина работите ќе се подобрат, но за тоа треба напор од страна на државата, институциите и идните генерации натпреварувачи.

Факултети.мк: Ќе студираш на МИТ, во Кембриџ, Масачусетс, еден од најпрестижните универзитети во светот. Кажи ни нешто околу студиите и како успеа да се запишеш на овој факултет?

- Во март оваа година ја примив веста дека сум примена на МИТ (Massachusetts Institute of Technology) со целосна стипендија, што претствавуваше неопишлива среќа за мене и за сите оние кои ме поддржуваа во процесот на аплицирање. Можам да кажам дека целиот тој процес не беше лесен и бараше инвестиција на време, пари и пред сè голема посветеност и верба дека накрај сè ќе се исплати. Среќна сум што исходот е подобар отколку што можев да посакам, и нестрпливо чекам да започнам со студиите во септември.

Факултети.мк: Што конкретно ќе студираш, во која област го насочи образованието?

- Насоката на студирање на МИТ се избира на крајот на првиот семестар, а дотогаш студентот може слободно да испроба различни правци и да види што би било најдобро за него. Сеуште е рано за конечно да се определам што ќе студирам, но најверојатно тоа ќе биде нешто во согласност со моите аспирации до сега, како што се Математиката и Компјутерските Науки.

Факултети.мк: Кои се предностите во однос на студирањето на МИТ, што ти се допаѓа, а што не кај американскиот образовен систем?

- Според мене, МИТ не само што е престижен факултет кој е прогласуван за најдобар во светот по разни критеиуми, туку е и место каде посебен акцент се става на соработката меѓу студентите и поддршката од страна на професорите. Што се однесува до американското општество во целина, секако дека има позитивни и негативни страни. Студирањето во Америка е пред се сосема ново искуство, кое претставува предизвик кој открива многу нови искуства и дава многу нови можности. Од гледна точка на интернационален студент, можам да кажам дека школувањето во Америка е доста скапо и бара некои одрекувања, не само од финансиска гледна точка, туку и од гледна точка на напуштање на своето родно место за долг период, можеби и засекогаш. Но, во целина, сметам дека студирањето во Америка е голема можност да се искуси едно поинакво општество од нашето и шанса за напредување која не треба да се пропушти.

Факултети.мк: Каде ќе престојуваш?

- Ќе престојувам во еден од повеќето интернати на МИТ (сè уште незнам кој точно). Очекувам да наидам на многу нови нешта и да запознам многу нови личности од кои некои ќе ми станат нови најдобри пријатели. Времето таму го замислувам како една избалансираност помеѓу учење и дружење со другите студенти. Очекувам, или подобро речено, сигурна сум дека на МИТ секој ден ќе биде нова авантура, нова можност да се научи нешто ново и да се вложи во себеси.

Факултети.мк: Какви се твоите планови за иднина, дали планираш да се вратиш во Македонија или среќата ќе ја бараш некаде надвор?

- Кога би ме прашале во прва година средно што планирам за факултет, веројатно би рекла дека не знам или би ви дала некој сосема различен одговор од: “Ќе студирам на МИТ”. Затоа, сметам дека сè уште е прерано да дадам било какви тврдења во однос на иднината. Има голем број нешта коишто треба да ги видам и искусам па да можам да кажам дали би се вратила или не во Македонија. Како и да е, иднината е непредвидлива и јас ќе пробам да постапувам онака како што сметам дека е најдобро во одреден момент.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование