X
 18.05.2016 Култура

Џорџ Р.Р. Мартин открива зошто толку ликови умираат во неговите книги

мартин

 

Џорџ Р.Р. Мартин, познат по тоа што неочекувано ги убива главните ликови од серијата на бестселер книгите „Песна на мраз и оган“ вели дека приказните во кои умираат само статистите се „измама“.


„Еден писател, дури и писател на фантазија, има обврска да ја каже вистината, а вистината е, како што велиме во „Game of thrones“ - сите луѓе мора да умрат“, вели Мартин.

„Сите сме ги прочитале приказните кога еден куп херои одат на авантура - токму херојот, неговиот најдобар пријател и неговата девојка одат на овие авантури и секогаш преживуваат. Оние кои умираат се само статисти. Тоа е вистинска измама. Не се случува така. Тие одат во битка и нивниот најдобар пријател умира или пак тие се ужасо повредени. Или губат нога или смртта доаѓа по нив неочекувано“, додава Мартин.

„Ако еден писател одлучува да биде искрен, тогаш тој мора да пишува за смртта, особено ако раскажува приказна за војна или конфликт. Откако ќе прифатите дека смртта мора да е вклучена, тогаш треба да бидете искрени и да укажете дека таа може да го погоди секој, во секое време. Еден лик не може да живее засекогаш бидејќи е слатко дете или најдобриот пријател на херојот или пак самиот херој. Понекогаш херојот умира, барем тоа се случува во моите книги. Ги сакам сите мои ликови и тешко ми е кога некој треба да умре меѓутоа знам дека тоа едноставно мора да се случи. Обично си велам дека не ги убивам јас туку другите ликови. Ја префрлам вината од себеси на другите“, вели Мартин.

Исто така, тој ги советува сите писатели дека не треба да го изберат пишувањето како начин да заработат пари, да се прослават или други надворешни работи.

„Ако сакате да пишувате, ако приказните се во вас, ако сте создале имиња и приказни за вашите играчки кога сте биле мали, ако приказните сами ви доаѓаат, тогаш прашајте се себеси: Што ако никој не ми даде ни денар за моите приказни? Дали и тогаш ќе ги напишам? Ако одговорот е да, тогаш вие сте вистински писател. Тогаш можете да станете писател. Ако одговорот е не, тогаш веројатно најдобро би било да се откажете и да научите нешто како компјутерска наука. Слушам дека иднината е во компјутерите“, завршува тој.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура